Некогаш, луѓето преживувале тргувајќи и споделувајќи добра и ресурси меѓу себе и соседните заедници. Но, со појавата на продавниците и индивидуалното купување, тоа стана минато и луѓето почнаа да се снаоѓаат сами преку сопствената куповна моќ.
До каде стигнавме? Стигнавме до таму што на овој т.н. Црн петок или Black friday, кои стана и црн викенд и се преобрази во гротексни толпи луѓе кои чекаат во ред, а потоа влетуваат во продавниците кадешто си грабаат од раце телевизори, блендери и разноразни „неопходни“ работи.
За среќа, кај нас не сме стасани баш дотаму, ама сведоци сме на оние снимки направени во некои други земји кадешто ваквите сцени се повторуваат од година во година.
Каков е овој консумеризам?!
Ако понекогаш размислувате за тоа колку би било забавно кога наместо ова би можеле повторно да не трошиме пари и да не трчаме во продавница секогаш кога ни треба нешто, туку да се поврземе со другите луѓе, да создадеме заедница и да разменуваме добра, не сте единствени.
Многу луѓе размислуваат за ова, а некои преземаат и посериозни чекори за да започнат такви заедници и групи.
Оваа идеја се роди кога две пријателки во 2013 година, Ребека Рокфелер и Лисл Кларк, од островот Бејнбриџ, Вашингтон, сакале да пробаат нешто ново. Размислувале како треба да го предизвикаат денешниот консумеристички начин на размислување, да ги поврзат соседите и да ја развијат повторно економијата на „на ти го дај ми го“.
Тие се запрашале како можат да заштедат пари барајќи од нивната заедница повеќе да споделува, наместо да купуваат нови работи. Набргу потоа, тие ја лансирале својата прва група Buy Nothing („Не купувај ништо“) и добиле одговор во рок од неколку часа.
Луѓето барале да ѝ се приклучат на групата, да ги споделат своите работи и почнале да одбиваат да одат во продавница, а возбудата била заразна. Проектот се развил многу брзо и се проширил во други земји, а сега има околу 7,5 милиони членови ширум светот.
Основната идеја е дека секој може да го побара тоа што му треба и секој може да го даде тоа што не му треба. Официјалните правила се многу едноставни.
Објавете што сакате да подарите, позајмите или споделите и побарајте сè што сакате да добиете бесплатно или да позајмите. Нема купување и продавање, се е засновано на принципот на економијата на подароци (на ти го дај ми го).
Сите учесници имаат еднаква положба, подароците и барањата можат да бидат големи или мали, може да бидат предмети или услуги, но важно е се да е легално.
Работите мора да се даваат слободно, без да се очекува подарок за возврат (без размена или трговија). Нема правила за објавување, иако луѓето се охрабруваат да споделуваат лични приказни за себе, нивните подароци и нивните барања, бидејќи тоа помага да се изгради заедница. Барањето нешто не се гледа како просење, а давањето не е чин на милосрдие, тоа е едноставно пристап да се прераспредели веќе постоечкото изобилство во заедницата на начини од кои имаат корист сите. И тоа изобилство доаѓа во многу форми.
Основачите велат: „Новата платформа ни даде слобода не само да го подобриме корисничкото искуство со неверојатни (и забавни!) нови функции, туку и да најдеме нови, иновативни решенија за главните прашања со кои се занимаваме: одржливост, управување со отпад , циркуларна економија, капитал, диспаритет на приходите, достапност и градење заедница“. Секој што сака може да се регистрира на нивната страница buynothingproject.org.
Ова е навистина одличен начин да се намали прекумерното трошење, да се заштедат пари, да ги пренасочите предметите од депонија, да го продолжите нивниот животен век и да им дадете нов живот или нов дом на тие предмети.
Покрај тоа, се создава заедница и луѓето си помагаат едни на други. Колку повеќе споделување и повторна употреба можеме да направиме, толку подобро ќе бидеме сите од аспект на животната средина и човековата благосостојба.