Наместо играчки, подарете им спомени

Шерил Сју (39) никогаш не купила божиќен подарок за својот четиригодишен син и двегодишната ќерка иако семејството не е во финансиски проблеми. Децата веруваат во Дедо Мраз и семејството го слави Божиќ, но на децата претпочитаат да им подаруваат искуства.

„Им објаснивме дека Дедо Мраз е многу зафатен и дека сака да им подарува на децата, но мора да се фокусира на оние кои немаат толку многу како нив двајца“, изјавила таа за SBS.

Наместо тоа, Сју верува дека има и други начини да уживаат во Божиќ, па затоа одат на одмор со своите деца, одат на разни настани или поминуваат време на плажа.

„Ние ги цениме искуствата повеќе од нештата. Распонот на детското внимание е краток, а искуството ќе трае со години. Тие се сеќаваат на празниците, се сеќаваат на патувањата во забавните паркови, зоолошките градини. Плишаната играчка не го дава тоа чувство“, додава таа, објаснувајќи дека не е против подароците, туку повеќе сака да им дава сеќавања отколку нешто што ќе се заборави по една недела.

„Токму затоа што го правиме ова, нашите деца се благодарни за играчките што ги имаат. Мислам дека родителите не треба да чувствуваат толкав притисок да им дадат на своите деца сè што ќе побараат, особено на оние чии семејства тешко можат да си го дозволат тоа“, вели таа.