Не толку многу одамна, не постоеше дом во кој немаше миленце на маса, врз телевизорот и на комодите, но и раскошни плетени чаршафи за трпезариските маси, за оние пригоди кога треба да ви дојдат многу важни гости за многу важна пригода.
За среќа, љубителите на ретро-дизајнот, полека почнаа да ги враќаат на сцена, па сега може да се видат не само по нивните домови, туку и во кафулињата кои се уредени во ретро-стил.
Но она што нашата соговорничка Емилија Миладинова Аврамчева реши да го прави со миленцата наследени од својата баба, е нешто сосема друго.
Таа, со миленцата и со својата првична желба – да им даде нов живот, отишла кај нашата модна дизајнерка Ирина Тошева, позната по својата посветеност за одржлива мода и минимизирање на отпадот, но и по својата ангажираност во различни социјални проекти.
Двете веќе неколку години соработуваат на поттикнување на женското претприемништво и оживување на старите македонски занаети во сферата на текстилот и дизајнот, со поддршка од Амбасадата на Република Словенија. Од самиот почеток, нивната соработка се темели на взаемна доверба, почит и заедничка желба да го поврзат традиционалното со современото – да му дадат нов живот на она што е старо, но безвременско.
Иако од различни генерации, Емилија и Ирина се разбрале од прва.
Емилија која е претседателка на здружението Добредојде Маседониа Велкам Центар веќе со години ги промовира македонското културно наследство, историјата и традицијата пред меѓународната заедница која работи и живее во Македонија, додека тие го промовираат своето.
Модната дизајнерка Ирина Тошева пак, е позната не само по своите креативни и иновативни колекции, туку и по своите заложби за одржлива, наспроти брзата мода.
„Најлесно е да се фрли некое парче облека кое веќе го сметате за непотребно. Лесно е тоа и да се донира, но не е решение“, вели Ирина.
Имено, се смета дека текстилот е еден од најголемите загадувачи на природата, па оттаму, Ирина се залага за тоа, наместо да фрлате облека или да ја донирате, да го затворите кругот такашто она што повеќе не го носите, едноставно ќе му го подарите на некој близок за кого тоа ќе биде ново парче облека или пак, од нешто старо ќе направите ново, ќе редизајнирате и ќе реупотребите.
„Најтешко е да се смисли како да се пренамени и да му се даде нов живот на едно парче облека“, вели Ирина. Но очигледно, не ѝ недостасуваат идеи.
Иако миленцата не се дел од нејзината семејна историја, односно, таа досега немала искуство со миленца ниту се сеќава дека нејзината баба некогаш се занимавала со нивна изработка, веднаш ѝ легнала идејата на Емилија. Направила повеќе модни парчиња во чиј дизајн ги употребила миленцата и сега овие нови уникатни парчиња облека, ја имаат во себе сентименталната приказна која нема цена.
„Таа не гледа на милето како на нешто застарено – туку како на богатство што чека да биде преосмислено. Така, моите милеа од детството станаа дел од нејзините нови модни креации – вметнати детали и уникатни украси што раскажуваат приказна.
Сите мои милеа се наследство од баба ми. За мене, тие не се само плетки, туку вистински „куфери исполнети со најубавите спомени“ – секое миле со своја приказна, со свои бои на љубовта, времето и женската вештина. Растев во дом каде што жените околу мене – баба, мајка, тетка – создаваа со рацете, но пред сè со срцето. Гоблените на мајка ми, милеата на баба ми, часовите поминати со конец и игла – сето тоа беше моето прво училиште за креативност, трпение и убавина.
Она што ме поттикна на оваа иницијатива беше токму желбата да им дадам нов живот на овие парчиња кои не избледуваат, бидејќи се работени со љубов. Сакав да ја продолжам нишката на тие сеќавања, но и да ја претворам во нешто современо, одржливо, нешто што ќе ги допре и новите генерации. Денешниот ретро стил не е само мода – тој е повик за повторно поврзување со корените, со жените пред нас, со приказните кои нè обликувале.
Преку оваа иницијатива, чувствувам дека ги враќам гласовите на тие жени – нивната мудрост, нивната естетика, нивната тивка, но моќна љубов. И да, кога ќе допрам некое миле, чувствувам дека допирам нешто многу повеќе од ткаенина – допирам срце“, вели Емилија.
Иако таа не научила да плете како нив, вели, научила нешто уште повредно.
„Научив да го вреднувам времето, заедништвото и трудот што се кријат зад секое парче.
Секогаш сум се прашувала – како сите тие жени од таа генерација беа толку вешти, толку посветени? И сфаќам – не беше само вештина, тоа беше потреба да се создава, да се споделува, да се остави нешто зад себе. Тоа беше нивниот јазик, нивниот начин да кажат „тука сум, љубам, се грижам, памтам“. И со секое миле што денес го гледам, го чувствувам тој глас, таа тивка сила, таа безвременска женственост“, вели нашата соговорничка Емилија.
Нејзината и генерациите претходно знаат дека на времето милеата се правеле за чеиз. Па така и нејзината баба ги подготвувала сите тие плетени ремек-дела за нејзиниот чеиз.
„Баба ми со голема љубов ги подготвуваше тие милеа за мојот чеиз – не како нешто што мора да се има, туку како благослов, нешто што ќе ме потсетува од каде доаѓам, што носам со себе и која сум. Не беше тоа само традиција – тоа беше нејзиниот начин да ми ја пренесе грижата, убавината и чувството на припадност.
Затоа и денес верувам во тоа дека старите ракотворби можат да добијат нов живот, да бидат дел од сегашноста и иднината, без да ја изгубат својата душа“, вели таа.
Нејзините омилени модни парчиња сега се токму овие кошули дизајнирани од Ирина, во кои внимателно се вметнати милеата од баба ѝ.
„Кога ги носам, не носам само облека – носам спомен, љубов и дел од моето семејно наследство. Тоа се оние парчиња кои не се купуваат, туку се создаваат со душа.
Целта ни е преку овие дизајни да поттикнеме и други жени да погледнат во своите плакари и куфери не само со носталгија, туку и со креативност. Да не ги чуваат милеата само за „посебни пригоди“ или во кутии, туку да им дадат нов живот – како моден додаток, дел од облеката, или дури како симбол на лична приказна.
На крајот на денот, најубавата мода е онаа што носи значење. И ништо не е поубаво од тоа кога едно старо парче ракотворба станува дел од современа приказна – токму онаква каква што и самите жени денес ја создаваат: силна, автентична и поврзана со корените.
Мислам дека ние во Македонија често не сме ни свесни колку навистина сме богати со културно и етнолошко наследство. Во секој подрум, плакар или стар куфер, се кријат автентични приказни, везени со љубов, историја и идентитет. За жал, долгата транзиција на македонското општество, придружена со нарушени семејни и традиционални вредности, доведе до ерозија и на културното ткиво – нешто што треба да го вратиме, не од сентимент, туку од свест за тоа што навистина сме.
Но, јас сум оптимист. Секојдневно среќавам млади – дизајнери, уметници, студенти – кои покажуваат интерес да ги оживеат старите занаети и да ги претворат во дел од својата професионална ориентација. Тие се тие што ќе создадат нова вредност од старата убавина. Нивната цел е јасна: да покажат дека старите занаети не се нешто што треба да остане само во музеите или во плакарите на нашите баби. Тие можат да бидат дел од модата, од културата, од иднината.
Само треба љубов, визија и малку храброст за да се спојат генерациите“, сигурна е Емилија.
Во меѓувреме, жените од дипломатските кругови, особено оние од развиените земји, многу брзо ја препознаваат длабочината и потенцијалот на овој проект. Тие имаат исклучително развиена свест за важноста на рачната изработка, повторната употреба на материјали и влијанието на сето тоа врз животната средина.
„Соработката со нив не само што е поддршка, туку и поттик – потсетник дека она што ние тука можеби го сметаме за „старо“ или „заборавено“, за некого е вистинско културно и естетско богатство кое заслужува да биде видено, вреднувано и заштитено“, завршува Емилија Миладинова Аврамчева.