Во изминатите години на социјалните мрежи постојано се појавуваа видеа со најразлични глупави содржини во кои родителите кршат јајца од главите на своите деца, ги заклучуваат, ги плашат маскирани со страшни маски и ги снимаат нивните реакции.
Најчесто споделувани на Тик-Ток и Инстаграм се оние кои вклучуваат родители облечени како чудовишта, духови или други страшила кои скокаат пред своите мали деца, предизвикувајќи паника, солзи и вресоци – сè со цел – неколку секунди вирална слава.
Иако некои видеа добиваат милиони прегледи и се споделуваат со насмевки и емотикони, стручњаците предупредуваат дека ваквите постапки може да имаат долгорочни последици врз психичкиот и емоционалниот развој на децата.
Шега или траума?
Можеби ним им изгледа како безопасна шега, но за децата – особено оние под 6 години – ова може да биде навистина застрашувачко искуство кое остава длабоки траги. Децата на таа возраст сè уште не се способни целосно да го разликуваат реалното од имагинарното, а лицето кое треба да им биде извор на сигурност – родителот – наеднаш се претвора во закана.
Последиците може да бидат многу посериозни од неколку минути плачење. Иако детето можеби ќе се смири по кратко време, во неговата психа може да се случат длабоки и долготрајни промени. Еве некои од најстрашните можни последици:
Нарушена доверба кон родителите
Детето природно го гледа родителот како извор на сигурност и заштита. Кога токму таа личност станува извор на страв, детето може да почне да се чувствува несигурно дури и во сопствениот дом. Ова може да доведе до:
Постојано чувство на недоверба
Отежната емоционална врска со родителите
Повлекување или агресивно однесување
Развој на хронична анксиозност
Исплашеното дете може да остане во состојба на „висока будност“ и постојано да очекува нешто лошо да се случи. Ова може да се манифестира како:
Нарушување на спиењето
Панични напади
Страв од одредени простории, звуци или ситуации
Трајни ноќни кошмари и нарушувања на спиењето
Децата со длабоки стравови често развиваат кошмари, но и одбивање да спијат сами или воопшто да одат во кревет. Ова води до хроничен замор, проблеми со концентрацијата и емоционална раздразливост.
Промени во однесувањето и регресија
По вакви искуства, некои деца почнуваат да се однесуваат како кога биле помали – на пример, повторно мократ во кревет, бараат цуцла, не сакаат да се одвојат од родителот. Ова се нарекува регресија и е начин на справување со стравот.
Страв од камери или од „неочекуваното“
Дете кое било исплашено пред камера може да развие одбивност кон фотографирање, снимање… Во некои случаи, тоа се поврзува и со срам и чувство на изложеност, особено ако видеото е јавно достапно и потоа му се потсмеваат.
Долгорочна емоционална траума
Кај некои деца, особено ако ваквото плашење се повторува, може да се развијат елементи на траума, слични на Посттрауматско стресно растројство (ПТСН), меѓу кои и емоционална нечувствителност или раздразливост
Нарушен развој на самопочит и идентитет
Кога детето чувствува дека е „предмет за забава“ наместо личност со чувства, тоа може да се чувствува понижено, а тоа влијае врз:
Развојот на самодоверба
Начинот на кој го перцепира сопственото место во светот
Способноста да постави граници кога ќе порасне
Накратко, ваквите видеа можеби траат 30 секунди, но во главата на детето тие можат да остават траги кои ќе се чувствуваат со години.
Родителството не е шоу за социјални мрежи. Тоа е обврска да се создаде безбедна средина за децата, а не содржина за социјални мрежи.
Ако сакаме децата да растат сигурни и емотивно стабилни, мора да ги третираме со почит, а не како алатка за онлајн забава. Смеата никогаш не треба да биде на сметка на емоционалната благосостојба на децата.
Родителите како „креатори на содржина“
Наместо да бидат родители, многу од родителите кои објавуваат вакви „забавни“ видеа со своите деца, практично се однесуваат како продуценти на ријалити програма во која нивното дете е актер без согласност. Во некои земји веќе се водат дебати за потребата од законска регулација на таканаречената sharenting култура – прекумерното споделување содржини од деца онлајн.
Наместо да ги плашите, играјте си со нив. Наместо да им предизвикате солзи, предизвикајте им насмевки, радувајте ги наместо да ги вадите од памет.
Трендовите доаѓаат и си одат, но она што децата го носат во себе останува.