Помалку или повеќе секој од денешните родители носи барем мала траума од детството поради задевањето. Секогаш ќе има деца кои ќе ги задеваат другите деца. Можеме да ги наречеме палави, необразовани, злобни или да ги сожалиме што потекнуваат од семејство каде што не ги научиле поинаку – не е важно. Она што сакаме е нашето дете некако да се зацврсне барем толку за да може да им даде краток и јасен одговор на таквите, да се сврти и да продолжи понатаму. И да не страда поради тоа.
Кога вашето дете ќе се врати дома од училиште и ќе каже дека го задевале, тоа ви го крши срцето. Како прво, многу работи ви паѓаат на памет кои најчесто не смеете и не сакате да му ги пренесете на вашето дете. Потоа се сеќавате на тоа чувство за себе во таква ситуација па уште малку „потонувате“. И имате желба да му дадете на детето магично стапче кое ќе ја реши секоја таква ситуација.
Но, единственото нешто што можете да му го дадете се зборовите. Можете, или треба, да го научите вашето дете како да се залага за себе или како да ги оддувне од себе оние што се задеваат како мува што му додева додека се одмара. Иако всушност сите ние сакаме прво да се справиме со „насилникот“ и имаме точна идеја што и како да правиме и да му кажеме, ова е нешто на што не можеме многу да влијаеме. Но, можеме на своето дете.
Една мајка, Ана Бринк, раскажала на порталот www.imom.com како го направила тоа со својата ќерка, кога нејзиниот постар брат ја задевал. Таа ја повикала настрана и ѝ покажала видео од растение наречено срамежлива мимоза. Тие билки едноставно се повлекуваат, и изгледаат како да овенале во секунда, кога некој ќе ги допре. После тоа ѝ рекла да допре обично растение. Освен што се занишало, ништо не се случило.
Тогаш мајката ја прашала ќерка си кое растение сака да биде – она што веднаш ќе овене кога некој ќе го допре или обично растение.
Билка која венее или билка која само ќе се заниша, но останува да стои
„Ѝ објаснив дека сè се сведува на ова: единственото нешто што навистина можеме да го контролираме во животот е нашиот сопствен одговор на нешто“, ѝ рекла оваа мајка на својата ќерка. „Ако сакаме да венеме секој пат кога некој ќе се обиде да нè „допре“, да нè мачи или изнервира, дозволуваме другите да нè контролираат. Ние се однесуваме како растение кое венее, а оној што го овенува растението сака да го прави тоа повторно и повторно за да ја види нашата реакција. Но, ако решиме да продолжиме да стоиме, работата е во наши раце“.
Но, не е лесно да се биде растение кое не венее. Постојат начини на кои можеме со едноставни зборови и став да се спротивставиме на задевањето што нè „боли“ и да бидеме растение кое само малку ќе се заниша и нема да овене.
Еве неколку предлози
Еве неколку многу едноставни реченици кои може да се користат како реакција на задевањето и кои можете да ги искористите за да му помогнете на вашето дете да биде посилно и да ја врати контролата во свои раце. Не е лесно да ги натерате децата да го разберат тоа, но ако барем го пробаат и го видат ефектот, можеби ќе им се допадне.
На пример, едно дете кое се задева, му вели на вашето дете: „Имаш пајак на вратот!
Наместо да вреска или да плаче и да се обиде да го тргне пајакот, тоа може да реагира вака:
- „Не, не. Знам дека само се шегуваш“.
Доколку сцената се повтори и детето знае дека тоа што го слуша не е точно, најдобро е да остане смирено и да одговори многу едноставно па да си продолжи по својот пат. - „О, добро. Сакам пајаци“.
Значи, ова е реченица која ќе остави без зборови многу задевачи и ќе ги спречи од понатамошно задевање. Кога детето ќе успее да го достигне овој стадиум и овој став, големи се шансите повеќе да не го задеваат. Затоа што – нема смисла кога нема реакција. Само имајте на ум дека не е лесно да се сфати. - „Па што?” со кревање раменици.
Затоа што, на крајот на денот навистина, па што. - …или може да замине и да не каже ништо.
Овие одговори, без оглед дали станува збор за пајак или за нешто друго, може да се користат во речиси секоја ситуација на задевање со мали варијации. А причината зошто тие се толку ефикасни е тоа што наместо силна, гласна, дива реакција (како растение што венее), закачкото добива само блага реакција. Детето кое го задеваат стои исправено и на тој начин изразува доверба и самодоверба. Тоа не реагира со подеднаква злоба, туку едноставно ја испушта топката и ја дифузира целата ситуација, а сѐ заедно едноставно не е забавно за задевачот.
Меѓутоа, за да може детето да каже такви работи и да возврати со „испуштање на топката“, важно е да го потсетиме дека прво мора да остане смирено, за да може да размисли што да каже.
Затоа, пред да направат или да кажат нешто, научете ги што треба да направат:
- Застанете и земете бавно здив.
- Нафрлете мала насмевка (што покажува самодоверба).
- Кажете кратка молитва, мантра, што и да е, или кажете си: „Денес нема да овенам“.
Можеби нема да успее првиот пат, но ако бидете упорни и го повторите ова со вашето дете, тоа може да биде крај на задевањето. А преку детето и неговите приказни за успешно игнорирање на насилникот, можеби и вие ќе преживеете некои ваши трауми…
[…] Повеќе за ова прочитајте ТУКА. […]