Нова научна студија, објавена во American Journal of Clinical Nutrition, открива дека дневниот додаток на витамин Д може да биде клучен во борбата против стареењето. Истражувањето, кое го спровеле експерти поврзани со Харвард, покажало дека лицата кои земале витамин Д3 во текот на четири години имале значително помалку оштетување на ДНК-то, што е показател за побавно биолошко стареење.
Според истражувачите, резултатите покажале забавување на процесот на стареење еквивалентно на враќање на речиси три години назад, во споредба со оние кои земале плацебо.
Студијата, наречена VITAL, вклучувала 1.031 возрасен човек кој земале или 2.000 меѓународни единици (IU) витамин D3 или плацебо, секојдневно во текот на четири години.
Научниците ги анализирале теломерите – делови од ДНК на краевите на хромозомите што ги штитат од оштетување. Познато е дека теломерите стануваат пократки со возраста, а луѓето со подолги теломери генерално имаат подолг животен век.
Користејќи примероци од крв, била измерена должината на теломерите на леукоцитите (LTL), односно белите крвни клетки. Во плацебо групата, LTL е намален за 12 проценти по две години и дополнителни 16 проценти по четири години. Од друга страна, кај учесниците кои земале витамин Д, падот на LTL бил само 5 проценти по две години и 2 проценти по четири години.
Најголемото изненадување? Теломерите биле до осум пати подолги кај оние кои земале витамин Д во споредба со плацебо групата, објавува „Дејли меил“.
Иако точниот механизам на дејство сè уште не е целосно разбран, научниците веруваат дека витаминот Д го намалува оксидативниот стрес, состојба во која слободните радикали ги оштетуваат клетките и го стимулира производството на теломераза, ензим кој ги издолжува теломерите.
Д-р Хаидонг Жу, молекуларен генетичар на Медицинскиот колеџ во Џорџија и главен автор на студијата, изјави: „Нашите наоди сугерираат дека целниот внес на витамин Д може да биде ветувачка стратегија за спротивставување на биолошкиот процес на стареење, иако се потребни понатамошни истражувања.“
Иако резултатите звучат ветувачки, важно е да се напомене дека учесниците земале три пати поголема количина на витамин Д од општата препорака – дури 2.000 IU дневно, што е еквивалентно на една порција лосос од 100 грама. Но, тоа е сè уште во рамките на безбедниот дневен максимум од 4.000 IU.
Сепак, експертите предупредуваат дека прекумерниот внес на витамин Д може да предизвика несакани ефекти, вклучувајќи гадење, повраќање, запек, болки во коските, дехидратација и камења во бубрезите. Ова се случува затоа што вишокот витамин Д ја поттикнува апсорпцијата на калциум, кој потоа се акумулира во крвта и ткивата, вклучувајќи ги бубрезите, белите дробови и срцето.
Д-р Џоан Менсон, доктор по медицина, раководител на Одделот за превентивна медицина во Brigham and Women‘s Hospital, болница поврзана со Харвард, и коавтор на студијата, истакнала: „VITAL е првото големо, долгорочно рандомизирано испитување кое покажува дека витаминот Д ги штити теломерите и ја зачувува нивната должина. Ова е особено важно бидејќи VITAL претходно ги покажа придобивките од витаминот Д во намалувањето на воспалението и ризикот од одредени хронични заболувања поврзани со стареењето, како што се напреднатиот рак и автоимуните заболувања.“
И покрај значајните наоди, истражувачите предупредуваат дека студијата имала ограничувања, особено недостаток на расна разновидност, бидејќи повеќето од учесниците биле белци. Исто така, студијата траела само четири години, што е релативно кратко време за проценка на долгорочните ефекти врз стареењето.
Истражувањето било делумно финансирано од Националниот институт за срце, бели дробови и крв (National Heart, Lung and Blood Institute), кој е дел од Националните институти за здравство (National Institutes of Health – NIH) во Соединетите Американски Држави.
Иако резултатите покажуваат дека дневниот внес на витамин Д може значително да го забави биолошкото стареење, научниците ја нагласуваат потребата од подолгорочни и поразновидни истражувања пред да можат да се дадат цврсти препораки.
Иако повеќето експерти препорачуваат консумирање од 600 до 800 IU витамин Д дневно, повеќето додатоци во исхраната достапни на пазарот содржат 1.000 до 2.000 IU, што е во согласност со количините што се користат во студијата.
Засега, се чини дека витаминот Д има потенцијална улога во зачувувањето на здравјето и забавувањето на стареењето, но важно е да се консумира во безбедни дози и под стручен надзор,