Научниците најдоа силна врска меѓу загадениот воздух и деменцијата

– Сериозен научен труд, како порачан за месецот кога ја подигнуваме јавната свест за Алцхајмеровата болест и со „полни гради“ дишеме отров. Доказ дека високите концентрации на PM2.5 честички се силно поврзани со развојот на патолошки промени во мозокот карактеристични за Алцхајмеровата болест и побрзо когнитивно и функционално пропаѓање, вели доктор Габриела Новотни од Клиниката за неврологија и претседател на здружението за подобрување и унапредување на правата на лицата со Алцхајмерова болест – Институт за Алцхајмерова болест и Невронаука.

На својата страница на Фејсбук, од Институтот споделија линк до големата студија на Универзитетот во Пенсилванија, објавена во JAMA Neurology.

Загадениот воздух ја влошува Алцхајмеровата болест, покажува ново истражување

Според новата обдукциска студија, загадувањето на воздухот со фини честички (PM2.5) е директно поврзано со напредувањето на деменцијата и со оштетувањата во мозокот карактеристични за Алцхајмеровата болест.

Истражувањето опфатило 602 лица со обдукциски потврдени случаи на деменција или други невродегенеративни болести, починати во период од 1999 до 2022 година. Научниците користеле прецизен модел за да ја проценат изложеноста на PM2.5 во годината пред смртта на секој испитаник.

Средната возраст на смрт била 78 години, а повеќе од половина учесници биле носители на APOE ε4 — ген кој е најсилен познат ризик-фактор за Алцхајмер.

Во подгрупата со клинички податоци биле анализирани 287 лица, кај кои се следела тежината на деменцијата со меѓународно признаената скала CDR-SB.

Што покажале резултатите

Поголема изложеност на PM2.5 значително го зголемила ризикот од понапредна Алцхајмерова патологија во мозокот.

Кај групата од 287 лица со достапни клинички податоци, високото загадување било директно поврзано со посериозни когнитивни и функционални нарушувања.

Анализите покажале дека 63% од врската меѓу загадувањето и когнитивното влошување се должи токму на промените во мозокот предизвикани од Алцхајмеровата болест.

Истражувачите заклучуваат дека фините честички можат да ја забрзаат невродегенерацијата, да ја зголемат акумулацијата на штетни протеини во мозокот и да го влошат текот на болеста.

Лицата изложени на повисоки нивоа на PM2.5 имале 19% поголеми шанси за понапредни патолошки промени во мозокот поврзани со Алцхајмер.

Кај испитаниците со достапни клинички податоци, секое зголемување на загадувањето било поврзано со значително посериозно когнитивно и функционално влошување.

Широко значење

Според авторите, ова е една од најголемите и најдетални студии што директно ја поврзува изложеноста на загаден воздух со патолошките промени во мозокот и со клиничката слика на деменцијата.

– Овие резултати укажуваат дека намалувањето на изложеноста на PM2.5 може да го намали не само ризикот од деменција, туку и нејзината тежина кај лицата кои веќе заболеле, велат истражувачите.

Што значи ова за Македонија?

Во Македонија, каде што загадувањето со PM2.5 често ја надминува границата препорачана од Светската здравствена организација, ваквите резултати се особено загрижувачки. Тоа значи дека загадениот воздух не влијае само на белите дробови и срцето, туку и директно го зголемува ризикот и тежината на деменцијата, особено на Алцхајмеровата болест.

Авторите нагласуваат дека се потребни уште повеќе популациски студии, но нивните резултати испраќаат јасна порака: намалувањето на загадувањето може да има директна превентивна улога и во борбата со деменцијата.

На 21.септември, денот на Алцхајмеровата болест ќе биде одбележан со Алцхајмер матине, во фоајето на Македонскиот народен театар, од 12 до 14 часот, кој го организира Институтот за Алцхајмерова болест и Невронаука (ИАН).

Алцхајмерзагаден воздухнаучен труд