Научниците предлагаат да се забрани купување цигари на лица под 22 години

Научниците веруваат дека зголемувањето на законската минимална возраст под која на младите ќе им биде забрането да купуваат тутунски производи ширум светот може да ја намали зависноста од никотин.
Тимот од Јапонија прегледал 1.382 пушачи кои посетиле клиника за откажување од пушење во Кјото. Пациентите биле поделени во две групи врз основа на годината кога почнале да пушат – помлади од 20 години или 20 години и постари. Сите пополниле Фагерстром тест за зависност од никотин (FTND), стандардна алатка за проценка на интензитетот на физичката зависност од никотин.

Што покажала студијата?

Тестот поставува прашања како „колку брзо по будењето ја пушиш првата цигара?“ и „колку цигари дневно пушиш?“, а испитаниците дале одговори кои се бодирани. Броевите потоа се собираат за да се добие ниска (еден-два), ниска до умерена (три-четири), умерена (пет-седум) или висока (осум или повеќе) зависност.

Исто така, мерен е и јаглерод моноксид во здивот за да се покаже колку цигари се испушиле во период од 24 часа. Вкупно 556 пушачи почнале да пушат пред да наполнат 21 година, што е законска возраст во Јапонија, додека 826 од нив почнале кога наполниле 20 години.

Оние кои ја започнале оваа навика пред 21-та година пријавиле дека пушат 25 цигари на ден во споредба со 22 дневно во групата кои почнале да пушат подоцна. Оние кои почнале порано, исто така, имале повисоки респираторни нивоа на јаглерод моноксид во здивот.

Од оние кои рано почнале да пушат, 46 отсто се откажале во споредба со 56 отсто од оние кои почнале да пушат на возраст над 20 години.

Наодите биле презентирани на Конгресот на Европското здружение за кардиологија (ESC) 2023 година во Амстердам.
„Нашите резултати покажуваат дека раното започнување со пушење е поврзано со поголема зависност од никотин, дури и во младиот возрасен период“, рекол авторот д-р Коџи Хасегава од Националната болничка организација на Медицинскиот центар во Кјото.

Препораки

„Студијата покажува дека зголемувањето на законската граница за пушење на 22 или повеќе години може да доведе до намалување на бројот на луѓе зависни од никотин и со ризик од негативни здравствени последици“, додава тој.

Во повеќето земји мора да имате над 18 години за да купите цигари, а во некои американски држави мора да имате најмалку 21 година.