Често за децата знаеме да кажеме дека се уште мали и дека има време да научат, а подоцна се чудиме поради тоа што тинејџерите се нељубезни и незаинтересирани. Но, покрај тоа какво општество градиме и на какви млади ќе им остане светот, треба да имаме предвид дека манирите се корисни и за нашите деца и за нивниот развој.
Зошто се важни манирите?
Важен дел од воспитувањето на детето е тоа што ние како родители го учиме на добри манири. Манирите се важни затоа што ни помагаат да бидеме поуспешни во животот и истовремено да станеме дел од академското општество. Од друга страна, немањето основни манири негативно влијае врз децата во сите области од нивниот живот. Па, како можеме да ги имплементираме во секојдневниот живот и да воспитаме љубезни и пристојни луѓе?
Заборавени манири кои треба да ги знаат денешните деца
Постојат правила на добро однесување кои некогаш се сметаа за основни вештини и беа дел од секојдневната култура. Потсетете се на овие „старомодни“ манири кои можат да бидат предност на вашето дете пред врсниците и многу возрасни.
Кога да го исклучат телефонот
Повеќето деца, дури и оние што се многу мали, имаат сопствен паметен телефон или пристап до телефонот на нивните родители, што значи дека треба да се научат на бонтон и правилна употреба на мобилниот телефон. Затоа, важно е да знаат дека телефонот треба да биде исклучен или вклучен кога се на кино, театарска претстава, роденденска забава или семејна вечера.
Важно е да кажат „нема за што“
Убаво е вашето дете да знае кога да каже „благодарам“ и „молам“, но дефинитивно треба да го научите како да ја прифати благодарноста на љубезен начин. Затоа, добро е да го научите на фразата „нема за што“.
Мали услуги
Малите услуги и дела на љубезност помагаат да функционира општеството. Работи како придржување врата, подигнување предмет што му паднал на случаен минувач (или соговорник), оставање постара личност да помине прва не се тешки, но се убави услуги што дури и малите деца можат да ги направат за возрасните и другите деца. Секако, научете ги да го прават тоа на безбеден начин, кога е присутен возрасен кој го познаваат.
Кажување благодарам
Кажувањето благодарам е основата на сите добри манири, но денес многу деца и возрасни не го користат овој збор и не им се заблагодаруваат на луѓето кои секојдневно им помагаат на многу начини, како келнери, продавачи, наставници и возачи на автобуси. Не се работи само за љубезност, туку за учење на децата да ги препознаваат и признаат придонесите на другите.
Отстапување седиште во превозно средство
Порано беше вообичаено да ѝ се отстапи место во автобус на постара личност или трудница. Но, во современото општество многумина ѝ даваат приоритет на удобноста на своето дете пред другите. Ова е совршена можност да ги научите децата да покажуваат љубезност и да мислат на другите.
Без прекинување на возрасните (и другите деца) кога зборуваат
Децата се „природни прекинувачи“. Нивната желба за внимание е нормална, но важно е да научат да не ги прекинуваат другите во разговор поради тоа. Научете го вашето дете да ве тапне по рака кога разговарате со некого и трпеливо да чека да му се обратите пред да почне да зборува.
Ако ве прекине, мирно кажете му дека е непристојно да го прекинува разговорот и дека наскоро ќе го сослушате.
Користење бонтон на социјалните мрежи
Освен ако не се многу мали, повеќето деца во денешно време се на социјалните мрежи, а тоа значи дека треба да се научат како треба и како не треба да се однесуваат на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и други платформи. Основно е, на пример, да не објавуваат слики или да означуваат други луѓе без нивна дозвола, никогаш да не даваат лични податоци и да не го кажуваат на мрежите она што не би го кажале лично.
Запознавање со други луѓе
Идеален начин да се претставите е да остварите контакт со очите, да ја пружите раката и топло да се насмеете. Токму на ова треба да ги научиме нашите деца. Доколку детето е срамежливо и не се чувствува удобно да допира некого, секогаш е прифатливо да кимнува со главата наместо да се ракува, секако со поглед, насмевка и учтиво обраќање.
Пристигнување навреме
Иако децата не можат да возат автомобил, она што можат и треба да го научат е важноста да бидат подготвени навреме. Ова не само што ќе им помогне денот да им помине полесно, туку е и знак на почит кон нивните соученици, наставници, тренери и, се разбира, членовите на семејството.
Разговор на телефон
Помладата генерација е повешта во користењето паметни телефони, но постарите луѓе генерално имаат подобри манири, особено кога станува збор за разговор на телефон. Алармантно е колку деца не ги знаат основите на телефонскиот разговор. Научете ги да одговорат на повикот со „здраво“ и да кажат збор за поздрав за да го прекинат разговорот, а не само да ја спуштат слушалката или да му го вратат телефонот на возрасниот. Покажете му на вашето дете како да започне телефонски повик, како да се претстави и да има убав разговор.
5 чекори за негување на манирите
Вежбајте убаво однесување дома. Подгответе ги децата однапред за различни ситуации за да не се изненадат во одредени моменти и да не се однесуваат лошо.
Имајте очекувања кои се во согласност со возраста на детето. Децата се способни да учат, работат и се развиваат во секоја фаза од животот. Можеби ќе ве изненади што може да направи вашето дете ако му се даде шанса.
Бидете добар пример. Децата се најдобри имитатори, затоа внимавајте на вашите манири, дури и ако мислите дека вашето дете не ве гледа.
Не заканувајте се и не казнувајте го детето. Заканите и казните не даваат ефикасни резултати и на долг рок секогаш е подобро да се користат поддршка и стимулации.
Разговор. Погрижете се вашите деца да знаат дека секогаш можат да ви се обратат кога имаат прашање или загриженост.
На крајот, секое ново правило за добро однесување носи повеќекратни придобивки за детето. Со помош на манирите, тоа ќе порасне во љубезна и самосвесна личност која предизвикува почитување и притоа се чувствува добро во секоја (па и во непријатна) ситуација.