Не е доволно бришење раце со влажни марамчиња! Научете ги децата на хигиена со вода и сапун!

Во периодот на корона, целиот свет се најде во специфична здравствена ситуација, каде што здравјето на сите луѓе можеше да се зачува со правилно и често миење на рацете. Правилното и често миење на рацете нè штити од многу заразни болести. Со миење на рацете со сапун и вода, се заштитуваме себеси и нашите најблиски. Се поставува прашањето, дали научивме досега правилно да правиме таква „обична“, секојдневна активност – миење на рацете?

Секој треба да ги мие рацете по пристигнувањето дома, пред и за време на подготовката на храна, особено при подготовка на намирници, пред и по јадење, пред и по користење на тоалет, по задачи за време на кои рацете се валкаат, по контакт со домашни миленици. Секој што кива и кашла треба да ги мие рацете многу почесто, по секоја употреба на марамче или допирање на носот и устата.

На родителите им се препорачува да ги мијат рацете пред секое земање на своето бебе, особено пред и по менување на пелена. Мајките треба да ги мијат рацете пред секое хранење или подготовка на формула. Новороденчињата и децата исто така треба да ги мијат рацете.

Децата треба да се научат на правилна хигиена и навики за миење раце уште од рана возраст.

Новороденчињата треба да се мијат неколку пати на ден. Рацете им се стегнати во тупаници поголемиот дел од времето, па „нечистотијата“ се акумулира меѓу прстите, задржувајќи влага, остатоци од млеко и фина прашина од ткаенини (облека, памучни пелени).

Неколку пати на ден, мијте ги рацете на бебето над мијалникот или кадата со млака вода, внимавајќи да му ја отворите раката.

Опишете му ја постапката за миење раце на вашето дете секој пат кога ќе го направите тоа. Зборувајте за тоа што правите и како го правите тоа: „Сега ти и јас ќе си ги измиеме рацете и лицето, за да бидат чисти… сега ќе ја пуштиме водата… гледај како тече водата…

Кога на бебето (детето) ќе почнат да му растат заби и рацете постојано му се во уста, тогаш мијте му ги рацете неколку пати на ден, како и кога ќе почне да јаде цврста храна, кога ќе почне да оди и да го истражува секој агол од куќата или дворот.

Децата набљудуваат и учат на тој начин. Тие ги набљудуваат своите родители пред сè, затоа покажете им го најдоброто на вашите деца со вашиот пример, ако имате добри хигиенски навики и вашето дете ќе се однесува исто во иднина (вие сте модел за углед).

Дете кое може да стои стабилно може да почне да учи самостојно да ги мие рацете. Може да биде од помош скалило (пластично помагало со нелизгава површина, наместете го на висината на детето пред мијалникот за детето да стои на него со ваша поддршка. За почеток, помогнете му на вашето дете да ги намокри рацете, нанесете сапун и намачкајте го меѓу дланките, потоа истријте ги дланките една со друга, потоа горниот дел од раката со едната дланка, потоа другата дланка со другата рака, потоа прстите, еден по еден, од сите страни, повторно добро исплакнете, па добро исушете. Како што вашето дете расте, охрабрете го самостојно да одржува хигиена на рацете. Можеби ќе треба да го потсетувате вашето дете некое време кога треба да го прави ова, но со текот на времето ќе ги мие рацете според научениот модел, по користење на тоалетот, пред и по јадење, по играње…

Научете го вашето дете дека постои разлика во тоа како ги мие рацете дома и во други тоалети (ресторани, кафулиња, игрални). Прво, да допира што е можно помалку работи во тие тоалети, потоа како да се истура течен сапун (иако ни е очигледно, употребата на диспензер може да биде збунувачка за децата), рацете се сапунираат и плакнат на ист начин, но потоа се бришат со салфетка, која се користи за затворање на чешмата. Феноматите исто така може да се користат, само без да се допираат (внимание, тие можат да бидат бучни за детето).

Хигиенските навики научени од „мали нозе“ не само што ќе го заштитат здравјето на детето, туку детето ќе научи да се грижи за своето тело и своето здравје. Да негуваме здравствена култура, за да бидат поздрави. И оставете ја употребата на влажни марамчиња за оние пригоди кога нема да имате пристап до вода и сапун, на плажа, за време на патување, во парк….