Не ги карајте денес децата, Митровден е!

Митровден e голем христијански празник посветен на светиот великомаченик Свети Димитриј, кој секогаш се празнува на 8 ноември. Празникот се слави на целиот Балкански полуостров. Традиционално, Митровден го означувал почетокот на студеното време-зимата. 

Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.

По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа, тој да го раздели на сиромаси.

Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале христијаните кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или им ги фрлал на ѕверовите или под арената каде што паѓале врз исправени копја, се набодувале и умирале во страшни маки.

Во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој не можејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да го убие. Тој го посетувал Димитриј во затворот и од него побарал дозвола за тоа. Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа“. Потоа Нестор ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот император наредил Нестор веднаш да биде исечен, а и Димитриј да биде погубен во затворот. Царските војници веднаш го убиле Нестора, а кога дошле во затворот кај Димитриј виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина. Плашејќи се да му се доближат војниците го убиле од далеку, гаѓајќи го со копјата. Тоа се случило рано наутро на 26 октомври според стариот (8 ноември според новиот) календар 306 година и тој ден се смета за празник посветен на Димитриј Солунски кој Источната црква го канонизирала за светец. Неговото тело христијаните тајно го погребале, а потоа во Солун била изградена и црквата што го носи неговото име.

Според преданието, гробот на Димитриј мирисал на босилек и смирна, поради што бил наречен Мироточиви. И денес луѓето веруваат во исцелителната моќ на неговите мошти.

Како и за другите празници, така и овој има свои обичаи и верувања.

Едно од важните верувања за Митровден е дека секој треба да биде дома во пресрет на овој ден, бидејќи тој кој тогаш не е дома, цела година ќе преноќува во туѓи куќи. Затоа се вели: Секој треба да спие дома, инаку нема да имате мир во текот на годината.

И конечно, тука е и она верување од насловот на текстот: Не смеете да ги карате децата! Според верувањето, ако ги карате на овој ден, децата ќе бидат немирни во текот на целата година.

верувањадецакарањеМитровденобичаи