Не гледајте во екраните, гледајте во децата! Не им давајте и тие како вас – да го користат телефонот наместо мозокот!

Дали сте од оние кои не можат да сфатат како сме живееле без мобилен телефон, како сме се запознавале, како сме одржувале контакти? Дали сте едни од оние луѓе кои целиот свој живот го имаат во својот мобилен телефон?

Дали е тоа навика, порок или едноставно моќта и влијанието на оваа мала направа која секојдневно ја држиме во раце?

Добата без мобилен телефон припаѓа на поновата историја. Не толку одамна, луѓето живееја многу добро без овој уред. Можеби дури и поквалитетно од денес. Едно е сигурно, мобилниот од нешто што беше наш избор да го имаме или не, прерасна во навика, некому му стана работа, а некому целиот свет.

За помалку од една деценија мобилниот телефон стана достапно средство за комуникација за секого.

Наскоро неговата цел и намената станаа ненадминливи, па телефонот се користи наместо мозокот. Буквално! Во него чуваме важни белешки и информации, му го доверуваме животот. Читаме што нè интересира, кликаме додека не се онесвестиме, слушаме и гледаме преку мобилните телефони, работиме преку нив. Достапни сме секогаш, секаде и за секого.

Овие уреди ги заменуваат и телевизијата и радиото. Тие се нашата глава и нашиот ум. Ние веќе не треба да размислуваме, па дури ни да зборуваме. Тој прави се за нас. Младите денес постојано се на нивните телефони. Јадат и спијат со нив. И не само младите. Оваа болест ги зафати сите возрасти. Некои повеќе, некои помалку.

А потоа влезе и во предучилишна возраст…

Родителите му даваат телефон на бебето. Среќни се и важни колку му се допаѓа и како може да скролува по екранот. А тоа што и на 5 години се уште е во пелени… кому му е гајле?!

За што ги подготвуваме и каде ги брзаме? И дали мислиме дека мобилните телефони навистина ги прават подобри? Дури и приказните и музиката, ако така се вика, на Јутјуб за деца, веќе подолго време не се произведени и испеани од човечки суштества! Веројатно сте забележале.

Децата ги гледаат нашите навики и полека тие навики стануваат нивни. Затоа што родителите се првиот и основен модел за децата. Ако тие прекинуваат се за да се јават на телефон, па дури и играта со децата, им испраќаме порака на децата дека мобилниот телефон е поважен од нив самите. Звучи грубо, но тоа е вистина.

Па, ако на детето веќе му дозволуваме мобилен телефон, барем внимавајте на содржината што му се пласира и многу е важно да ја дозирате неговата употреба. Секако, најдобро би било на детето воопшто да не му купиме таблети, мобилни телефони и слично.

Во спротивно:

Не треба да се чудиме зошто детето доцни со зборување, зошто лошо трча и ’рбетот му е искривен;
Зошто нема пријатели;
Да не се чудиме што на децата им е досадно во традиционалните градинки и играчките во нив и што тоа не им се допаѓа.
И воопшто не треба да се вознемируваме ако детето се пожали на главоболка и ако добие диоптрија во раното детство;
Не треба да се грижиме за разни психички проблеми или анксиозност, раздразливост и очигледен недостаток на образование.
Сосема е нормално да покажува знаци на агресија;
Воопшто нема да имаме проблем да го носиме детето на спорт, бидејќи спортот најверојатно воопшто нема да го интересира.
И нема да зборуваме за болестите, за сериозни состојби и зрачење, бидејќи тоа се само бајки!
Наместо тоа, сè уште се восхитуваме како нашето дете знае да кликне на јутјуб уште од бебешки денови и да биде толку прекрасно дете, дури и не го забележуваме додека си седи со телефонот мирен, во аголот од неговата соба, а како само знае да прави селфи!!! Самото научи! Секоја чест!

Драги родители, да се разбудиме сите заедно пред да биде предоцна. Да ги одвоиме нашите деца од мобилните телефони. Ајде да најдеме начин да ја дозираме употребата на мобилни телефони прво кај себе, а потоа и кај децата. Да им посветиме време на децата. Да си играме со децата.

Па што ако заѕвони…? Ништо нема да се случи ако понекогаш пропуштите повик или порака. Но, ако не пропуштите… ќе го пропуштите животот со вашето дете. Тоа драгоцено време никогаш нема да се врати. Кога еден ден ќе ја кренете главата од екранот на мобилниот телефон, ќе сфатите дека вашето дете пораснало без да забележите и дека воопшто не го познавате!

децамобилни телефониродители