Постои еден популарен сладникав мит кој гарантирано ќе направи речиси секој родител да се чувствува виновен, а тоа е оној што се прикажува во разни реклами, на пример за храна. Родителите од ваквите реклами поминуваат часови насмеани и среќно играјќи си со своите деца. Печат колачи, ги мачкаат со брашно врвовите на детските носиња и скокаат низ кујната додека чекаат да се испечат колачите, а потоа вкусните колачи ги покриваат со убава глазура во розова и бела боја.
Тоа е добро – освен што тоа не сте вие. Всушност, никој не прави такво нешто. Тоа е мит. Такво нешто се случува само повремено, во најдобар случај можеби еднаш или двапати годишно – и им се случува на оние родители кои имаат слободно време. Ако сте самохран родител со полно работно време, би рекле дека ви оди добро ако успеете да направите нешто такво барем еднаш во текот на целото детство на вашите деца. Можеби повремено ќе можете да ја достигнете таа нирвана и ќе трае пет минути, додека децата не се скараат кој да ја излиже маталката. Но, нема да трае целото време што е потребно за подготовка, печење и премачкување на колачот.
Ако нешто такво воопшто се случува, има некои услови кои треба да ги исполните. Ако не можете да го направите тоа, не очекувајте премногу. Очекувајте стрес и расправии и само надевајте се дека ќе можете да ги сведете на минимум. Еве кои услови треба да се исполнат за да имате шанса да доживеете попладне во родителската земја од соништата:
Мора да имате многу повеќе време отколку што можете и да замислите дека ви е потребно.
Не треба да се грижите за тоа дали колачите ќе можат да се јадат или како ќе изгледаат.
Всушност, воопшто не би требало да се грижите за тоа да направите колачи.
Мора целосно да се помирите со фактот дека сето тоа ќе го исчистите и измиете подоцна, најверојатно сами.
Кога ги извршувате повеќето активности, вклучително и готвењето, во даден момент може да имате само едно дете покрај вас.
Не може многу често да се исполнува овој сет на услови и затоа повеќето вакви активности завршуваат со разочарување. Една моја добра пријателка неодамна ми кажа колку била фрустрирана од попладнето што го поминала со своите близнаци обидувајќи се да ги измие половните лего коцки. Таа ми објасни дека нејзиниот проблем е што сакала активноста да заврши така што Лего коцките ќе бидат чисти, но нејзините двегодишници не мислеле така. Заклучила дека требало да им даде неколку коцки за да ги „измијат“, а потоа сите останати да ги измие самата, во мир.
И туја ја погодила суштината: нејзините очекувања и оние на нејзините деца биле сосема различни. Она што таа го сакала од активноста било сосема поинакво од она што го сакале децата. И таму е клучот за се. Како првокласен родител, таа ја направила вистинската работа и им попушти на нивните желби – а подоцна самата правилно ги измила коцките.
Времето што го поминувате со вашите деца и вниманието што им го посветувате не се иста работа, но тие се меѓусебно поврзани. Понекогаш е тешко да се подели времето помеѓу времето што треба да се посвети на децата и времето кое ви е потребно за се друго. Никој од нас не го прави тоа секогаш како што треба.
Вашата цел нека биде да им дадете на вашите деца вистинско време, а не „квалитетно“ време и да им посветите целосно внимание кога можете, дури и ако тоа значи дека ќе има периоди без внимание (освен ако не е итно) додека не завршите сè друго. И размислете што сакаат децата од заедничките активности за кои имате време; не се обидувајте да постигнете нешто што нема да се случи, што и онака не им е важно на децата.
Извадокот е од книгата: „10-те најважни работи што можете да ги направите за вашите деца“ од Рони Џеј.