Не мора баш цело село, ама може цела улица: Дали за одгледување дете се доволни само мама и тато?

Различните култури негуваат различни вредности и имаат различни правила, како и воспоставени однесувања кои се одобруваат. Така, различни земји се познати по различни пристапи кон многу работи, вклучително и родителството. Секој од нив може да крие некоја мудрост што на некој од другата страна на светот би му била добредојдена.

Во времето на пандемијата со Ковид-19, писателката и дописничка за „Гардијан“ одлучила да се пресели со своето семејство од Америка во Сингапур, каде што живееле нивните најдобри пријатели.

Новинарката Марина Лопез рекла за тој потфат: „Бевме само уште еден пар уморни родители, исцрпени обидувајќи се да направиме сè со мала поддршка“.
Тие живееле на улицата отспротива на своите пријатели, па затоа често се менувале во чувањето деца, јаделе заедно и често се дружеле. Таа дури им дозволувала на своите пријатели да им викаат на нејзините деца, а книгата што подоцна ја напишала дури се вика „Ве молам викајте им на моите деца“.

„Брзо сфатив дека заедничкото родителство не е радикално – туку е практично. Тоа искуство ме натера да ги доведам во прашање нормите со кои пораснав: дека родителството е работа што е најдобро да им се остави на – па, на родителите, и дека заштитата на моите деца значи да ги држам подалеку од секој со чиј стил на родителство не се согласувам“:

Она што го открила додека патувала низ светот како странски дописник е дека она што една група луѓе го смета за апсурдно, друга го смета за битно, а најголемите разлики секогаш се однесуваат на воспитувањето на децата.

„Секоја земја има свој свет грал за одгледување пристојни, независни деца кои спијат цела ноќ – и не постојат две култури кои се согласуваат околу тоа.“

Еве ги најважните лекции што Лопез ги научила од патувањата и проучувањето на родителството во други култури:

Основајте го вашето село (Мозамбик)
Во Мозамбик, зборот „мајка“ не е резервиран само за биолошките родители. Се користи за тетката која живее на истата улица, постара сосетка која се грижи за децата додека родителите работат, жена која секогаш има закуски за сечие дете. Ваквите „мрежи“ за грижа честопати се протегаат со генерации – истите тие деца кога ќе пораснат се грижат за постарите соседи кои некогаш се грижеле за нив.

Денес, многу родители се прашуваат зошто немаат „село“ кое ќе им помогне во одгледувањето на своите деца. Но, селата не се појавуваат само така – тие мора да се садат, негуваат и наводнуваат.

„Кога се вратив во САД, ги отворив вратите за семејни вечери со игри, празнични забави и хаос по училиште за секој што сакаше да се придружи. Исто така, почнав тивко да го следам моето соседство: Кој беше преоптоварен со работа и му требаше помош со децата? Кој беше болен и можеби ќе му се допадне некој да му остави супа на прагот? Не можев да го реплицирам селото што го видов во Мозамбик – но сфатив дека можам да започнам едно, почнувајќи токму таму каде што сум“, вели Лопез.

Проширете го списокот на гости (Бразил)
Во истиот дух, воспитувањето деца не треба да биде приватен проект. Ги покануваме пријателите и семејството на свадбата – но кога ќе се роди бебето, одеднаш сме сами. Лопез верува дека треба да почнеме да го градиме нашето село. Можеби можеме да поканиме повеќе луѓе на забавите за бебиња, можеби можеме да поканиме повеќе пријатели да ни помогнат кога ќе останеме сами со бебето, или можеби треба само да прифатиме помош кога соседот ќе ни ја понуди.

    „Црпете сила од лекциите на жените кои биле пред вас. Прашајте ги мајките, бабите и другите жени во вашето семејство за радостите од нивните искуства, но и за нивните борби. Што ги изненадило или исплашило? Како се чувствуваат во врска со тоа сега, години или децении подоцна? Како се променил нивниот идентитет откако станале родители? Што посакуваат да знаеле?“

    Преселба кај пријатели (Малезија)
    Племето Ибан во Малезија, вели Лопез, живее заеднички во долги куќи, каде што семејствата одгледуваат деца, делат оброци и се собираат секоја вечер. Токму вака оваа писателка го открила шармот на живеењето близу пријатели. Таквата поделба на трудот навистина прави разлика, и ние го знаеме тоа, само намерно забораваме на тоа.

    „Можеби нема сите да можете да живеете под еден покрив како Ибанците – но дури и живеењето во иста населба или давањето приоритет на времето со луѓе на кои им верувате може да понуди нешто подеднакво вредно: длабоко чувство на поврзаност и припадност и за вас и за вашите деца.“

    Оставете ги децата во шумата (Холандија)

    Во Холандија, вели Лопез, родителите имаат необична практика – ги праќаат своите деца во шума за време на летните распусти само со батерија и грицки, а тие мора сами да си го најдат патот до дома. Нешто како Ивица и Марица? Целта е да се изгради отпорност и независност кај децата.
    „Не мора да ги рекреирате Ивица и Марица, туку започнете со мали чекори: научете ги на безбедност во сообраќајот, дозволете им да возат велосипед пред вас, испраќајте ги да пазаруваат. Како што децата стекнуваат самодоверба и даваат значаен придонес во семејниот живот, тие учат дека не се само пасивни приматели на грижа – тие се способни членови на заедницата.“

    Баба нека биде дадилка (Сингапур)
    Лопез забележала во Сингапур дека е една од ретките родители кои доаѓале да ги земат своите деца. Тоа најчесто го правеле бабите и дедовците. Овие баби и дедовци, вели Лопез, ги водат децата на активности, им помагаат со домашните задачи, ги учат на вредности и дисциплина…

    „Иако многу (американски) родители копнеат по ваков вид поддршка, тие честопати брзо поставуваат граници кога бабите и дедовците не ги одгледуваат децата точно како нив. Во Сингапур, научив дека усогласеноста не мора да биде совршена за помошта да биде значајна. Само затоа што бабите и дедовците не ги делат сите ваши родителски принципи, не значи дека не можат да прочитаат приказна за спиење преку телефон или да ги учат вашите деца математика. Клучот е да откриете што ви треба, каде се преклопуваат вашите вредности, а потоа да се повлечете и да ги пуштите да се појават на свој начин“.

      баба и дедодецаселочување деца