Менопаузата повеќе не е нешто за кое жените шепотат само во друштво на своите најблиски пријателки. Овој предизвикувачки период од животот носи со себе и бројни непријатни симптоми од кои предолго се срамевме, а искрениот разговор за нив дава олеснување, исто како и сознанието дека и други жени минуваат низ истите промени.
Социјалните мрежи и онлајн платформите дефинитивно играат голема улога во поискрената комуникација за менопаузата. Многу жени ги посветиле своите профили на отворени разговори за сите промени што ги доживуваат во оваа фаза од својот живот.
Една од нив е Мелани Сандерс. Таа е основач на движењето наречено We Do Not Care („Не ни е гајле“).
Всушност, тоа е неформален клуб на жени во сите фази од менопаузата на кои повеќе не им е гајле. Се прашувате за што не им е гајле? За сè што им пречи, што им оди на нерви, што ги заморува и непотребно им ја троши енергијата.
Приказната започнува кон средината на мај кога Мелани се качила во својот автомобил на враќање од продавницата и снимила видео во кое објавила дека го оснива клубот „We Do Not Care“ и оттогаш ги засмејува своите следбеници со своите објави.
Не ни е гајле за градниците затоа што градниците нè гушат, повеќе не ни требаат. Не ни е гајле дали изгледаме како да сме бремени, а не сме. Не ни е гајле дали облеката ни одговара или цел ден носиме пижами, облеката си е облека.
Не ни е гајле дали стигнуваме на време. Бидете среќни што воопшто се појавив затоа што и не сакам да бидам тука. Не ни е гајле што ноктите на нозете не ни се лакирани, а носиме апостолки. Не ни е гајле што луѓето мислат дека имаме непријатен став. Тоа е нивна работа, ако не ви се допаѓа мојот став, тргнете ми се од пред очи.
Не ни е гајле што сме на Тик-Ток наместо да чистиме. Ако луѓето околу нас престанат да прават неред, можеби ќе чистевме. Не ни е гајле што косата ни е нечешлана. Не ни е гајле дали покажуваме целулит во шорцеви. Нозете си се нозе, ако имам целулит, тогаш едноставно имам целулит. Не ни е гајле дали носиме ист градник цела недела. Бидете среќни што го имам, вели Мелани во едно од своите видеа.
Таа додава дека немала намера да започне какво било движење: Само се снимив еден ден кога се чувствував искрено и бев уморна од глумење.
Судејќи според коментарите, токму ова е она со што жените најмногу се идентификуваа. Веќе немам сила да се преправам дека сум во добро расположение, а се чувствувам ужасно, половина од моето тело ме боли и не можам да се фокусирам на ништо. Не ми е гајле што сите очекуваат постојано да се смеам. Го сфатив ова дури сега кога минувам низ менопауза, коментирала една следбеничка.
Жените од целиот свет, од различни земји, сега почнале да основаат свои ограноци на клубот, а единствениот предуслов за членство е максимална искреност за менопаузата и емоциите што ги доживувате за време на овој период.
Кажете ни во коментарите за што повеќе не ви е грижа вам?