Штотуку се породивте, бебето едвај ја брои својата „старост“ во недели, а сите би сакале да ви
дојдат на гости, да го видат бебето. Се слушате себеси како велите „Да, секако“, а всушност тоа е
последното нешто што го сакате во моментов. И кога ќе дојдат, сите сакаат да го држат вашето
бебе. И да, можеби ви здосадило да го носите бебето во раце и можеби сте уморни и сакате
вашите раце да бидат празни и слободни, но – можеби не сакате другите да го држат вашето бебе
во раце.
И навистина не е важно зошто. Можеби се плашите за безбедноста на бебето, можеби не сакате да
ризикувате да се зарази со некој од вирусите, можеби… Воопшто не е важно. Важно е вие да ги
поставите правилата и да се почитува вашето мислење. Сепак, не е секогаш лесно да им го кажете
тоа на оние кои ви се блиски и навистина сакаат да го видат вашето дете.
Еве како да се справите со таа ситуација или да не дозволите да се претвори во – ситуација.
Размислете за контекстот.
Размислете кому би било во ред да му го доверите држењето на бебето и под кои околности.
Можеби, на пример, е во ред навистина блиските членови на семејството да го држат бебето, но
ако им дадете на знаење дека треба да ги дезинфицираат рацете или да носат маска за лице.
Бидете отворени со вашите блиски пријатели и семејството.
Ако сакате да поставите правила за тоа блиско семејство, најдобро е тоа да го направите пред да се
роди бебето за однапред да се знаат очекувањата и правилата. Обидете се да не го правите тоа во
моментот кога ќе се случи, иако понекогаш и тоа би можело да биде добро. Но, ако можете,
направете го тоа порано за сите да се помират со тоа.
Подгответе се што ќе кажете.
Добро е однапред да подготвите некои теми за разговор со оние кои доаѓаат да ве посетат.
Бременоста и рутината со бебето, околу која сè се врти, би можеле да влијаат на тоа што навистина
не знаете за што да разговарате. Подгответе изговор зошто бебето не е со вас, а потоа вклучете се
во разговор со посетителите.
„Жал ми е, но штотуку заспа“ или „Едноставно не е вистинското време, можеби за неколку недели
кога ќе фатиме ред“ и „Ако се разбуди, тоа е тотален кошмар, извинете“.
Убедете ја таа личност.
Ако се работи за блиска личност, уверете ја дека ви е многу важна и дека навистина сакате да биде
поврзана со бебето и дека ќе се погрижите тоа да се случи, но не во овој момент. Можеби таа
може да го држи бебето, но не во овој момент. Само треба да бидете многу, многу јасни за
границите и директно да ги комуницирате.
Подгответе изјава за странци.
Ако ви пријдат познаници и ви речат: „Ох, колку слатко бебе, може ли да го подржам малку?“, тогаш
вашиот одговор може да биде многу вообичаена фраза како „подобро јас да го држам“ или „бебето
се чувствува поудобно со мене“.
Не чувствувајте потреба да објаснувате
Без разлика за кого станува збор, родителите не треба да се чувствуваат како да мора никому да
објаснат нешто. Во ред е да поставите граници и да се држите до нив, но со близок член на
семејството може да биде незгодно, бидејќи се справувате со претпоставките и очекувањата на
другите луѓе, а тие понекогаш може да бидат длабоко вкоренети и доста емотивни.
Користете носилка за бебиња
Носилката може да биде толку добар изговор! Тоа е дефинитивно измама со предумисла, но вреди
и не мора да се чувствувате виновни за тоа. На пример, ако го носите вашето бебе во „марама“ или
носилка („кенгур“), многу е помала веројатноста луѓето да побараат од вас да го подржат бебето.