Веќе е добро познато дека мајките поминуваат низ значителни невролошки и хормонални промени по раѓањето на детето, но најновото истражување, чии резултати беа објавени во списанието Cerebral Cortex, покажа дека истото се случува и со мажите, односно, со татковците.
Според USC News, психологот Дарби Саксбе објаснила дека се пронајдени докази кои потврдуваат дека мажите развиваат еден вид „татковски мозок“ по раѓањето на нивното бебе. Имено, грижата за детето го менува мозокот на мажот, што доведува до различно когнитивно и емоционално однесување.
Спроведеното истражување покажало дека кога мажите се грижат за своите малечки, скенирањето на мозокот покажува интересни промени, каде деловите од мозокот одговорни за обработка на емоциите и социјалното разбирање стануваат многу поактивни.
„Кога татковците се грижеа за своите деца во текот на истражувањето, одредени области од нивниот мозок дополнително беа активирани, а се смета дека токму овие делови се вклучени во ментализирање на мислите и чувствата на другите луѓе. Фактот што откривме промени во тој дел од мозокот кај татковците сугерира дека се случува одредено преобликување во работата на нивниот мозок, што е навистина неверојатно“, објаснила Саксбе.
Исто така, научниците откриле дека кај мажите има зголемено лачење на одредени хормони по раѓањето на детето. Истражувањата покажале дека мажите кои се нашле во улога на родители имаат значително поголемо количество на хормоните окситоцин, естроген, пролактин и глукокортикоиди, а експертите објаснуваат дека ова зголемување на нивото на хормоните кај мажите се должи на контактот со бебето, но и со мајката, односно, со партнерката.
Иако овие наоди се интересни и даваат сосема нов увид во влијанието на родителството кај мажите, експертите нагласуваат дека се потребни подетални истражувања за попрецизно да се објаснат сите ефекти, но и причините за овие промени во мозокот на новите татковци.