Некои деца можат да го „прераснат“ аутизмот, вели науката

Иако аутизмот традиционално се смета за доживотна состојба, доказите во последните години сугерираат дека има деца кои „оздравуваат“.

Една нова студија го нуди најголемиот поглед досега на она што се случува со децата за кои повеќе не се смета дека имаат пореметување од спектарот на аутизам.

Истражувачите ги прегледале клиничките досиеја на 569 деца на кои им бил дијагностициран аутизам помеѓу 2003 и 2013 година, кога децата имале во просек 2,5 години.

Четири години подоцна, тие откриле дека 38 од нив повеќе не ги исполнуваат дијагностичките критериуми за аутизам.

Сепак, сите, освен три од децата кои повеќе не ги исполнувале критериумите за аутизам, имале други дијагнози и сè уште имале потреба од некаков вид терапија и поддршка.

„Сигурно е охрабрувачки да се потврди дека дел од децата со рана дијагноза на нарушување на спектарот на аутизам придружени со доцнење во развојот, всушност можат да се опорават од нарушувањето и да продолжат со типично социјално и когнитивно функционирање“, вели д-р Лиза Шулман од Медицинскиот факултет Алберт Ајнштајн, која ја предводела студијата објавена неодамна во Journal of Child Neurology.

„Овие деца сè уште во голема мера се борат со секојдневието. Скоро сите сè уште се соочуваат со тешкотии во говорот и учењето, како и со разни емоционални и бихејвиорални проблеми.

Децата чии записи беа прегледани за студијата беа дијагностицирани во програма за рана интервенција за деца со пречки во развојот во Бронкс, а истражувачите од Њујорк рекоа дека огромното мнозинство од децата учествувале во некој вид услуги, како што е применетата анализа на однесувањето, говорна терапија или работна терапија.

Од оние кои го „надраснале“ аутизмот, 68 проценти имале потешкотии во говорот или учењето, покажа студијата. Исто така, 49 проценти имале растројство на хиперактивност со дефицит на внимание или слични проблеми во однесувањето, околу четвртина имале нарушување на расположението, анксиозност или опсесивно-компулсивно растројство или селективен мутизам, а мал процент имале психотично растројство.

Шулман вели дека резултатите покренуваат неколку прашања, пишува Disability Scoop.

„Дали на почетокот аутизмот беше пречесто дијагностициран? Дали некои деца се поспособни да реагираат на интервенција? Дали конкретната интервенција што ја добива детето придонесува за исходот?

„Нашиот став е дека некои деца со нарушување на спектарот на аутизам реагираат на интервенција, додека други имаат уникатни развојни траектории кои водат до подобрување“, вели таа, истакнувајќи дека децата кои го „изгубиле“ аутизмот првично имале најблаги симптоми.

„Пораката од нашата студија е дека на некои од нашите деца им оди неверојатно добро, но повеќето од нив имаат потешкотии кои бараат тековно следење и терапевтска поддршка“, вели Шулман.