Немаш жена, нема стан под наем! Дали се мажите дискриминирани во областа на домувањето?

Кога сопственикот одбива да му изнајми стан на потенцијален закупец поради некои негови лични карактеристики, како што се религиозно убедување, етничко потекло, национална припадност, политичка ориентација, сексуална ориентација, родов идентитет или други, станува збор за дискриминација во областа на домување.

Досегашното искуство на здруженијата кои се занимаваат со борба против дискриминацијата во областа на домувањето покажало дека националноста, етничкото потекло, сексуалната ориентација и родовиот идентитет се најчестите лични карактеристики кои ги тераат станоиздавачите да одбијат да изнајмат стан на потенцијални станари.

Со други зборови, најчести жртви на дискриминација се ЛГБТ+ лицата, Ромите и мигрантите.

Ама тоа не е сѐ…

Денес, мојот колега, пристоен млад маж со редовни примања, образован и културен, се пожали дека има проблем да изнајми стан.

Имено, сите досегашни станоиздавачи кај кои се обратил му го поставиле истото прашање: Дали имаш семејство, жена, деца или си сам?

И секаде, вели тој, го добивал истиот одговор: Повеќе би сакале да го издадеме станот на семејство! Ама, имам редовни примања, имам мало дете, одам секој ден на работа, не правам журки, зошто?

Мојот колега вели дека и самиот е шокиран од оваа очигледна дискриминација во областа на домувањето која тој ја почувствувал на свој грб.

„Проблем се оние стереотипи според кои маж кој е самец мора да е неодговорен, да се пијанчи, да носи жени и да прави бучни забави поради кои сите соседи ќе се жалат.

И нема врска тоа што сум сериозен човек со постојана работа и редовни приходи и одговорен татко, кога сите ме гледаат со сомнеж и го велат истото: Не, извини, повеќе сакаме да го изнајмиме станот на жена или на некое семејство“, вели тој.

И дека ова не е единствената област во која постои дискриминација во однос на мажите, зборува и истражувањето кое го спровел шведскиот универзитет Linköping, кое укажало на тоа дека, всушност, мажите се оние кои се цел на дискриминација за време на вработувањето, во поголема мера од жените, како што обично гласи официјалниот социјален наратив.

Земајќи ги предвид сите фактори, истражувачите заклучиле дека жените имаат околу 52 отсто поголеми шанси да бидат вработени во инаку „машка индустрија“ отколку што мажите имаат шанса да бидат вработени во професии во кои доминираат жени.

Истражувањето укажало на значително ниво на дискриминација при вработувањето на мажите во професии како што се медицинска сестра, односно, медицински брат, како и други помошни медицински занимања, потоа во предучилишното образование и во образованието на децата, како и на работните места на хигиеничари.

Од друга страна, во истражувањето се наведува дека не е евидентирана дискриминација во однос на вработувањето на жени во инаку „машки“ занимања, како автомеханичар, возач на камион, ИТ програмер или работник во магацин.

Дали вие (или некој ваш познаник) сте се соочиле со дискриминација во некоја од овие области, поточно, во областа на домувањето или при вработување?

дискриминацијажениизнајмувањемажи