Ништо не ме собира! Како се дуплира вечниот женски проблем во бременоста?

Сите девојки и жени уште од тинејџерските денови, многу често ги мачи едно исто прашање кое мажите едноставно не можат да го разберат: „Што да облечам денес?“

И секогаш, без оглед на сезоната, времето од денот, приликата и временските услови, вечното прашање е секогаш тука.

Во преполните плакари, токму кога брзаме или кога станува збор за некоја важна пригода, нема „ништо“ што би можеле да го облечеме во тој момент.

А што се случува за време на бременоста? Е тогаш тој проблем добива сосема нова димензија и се дуплира баш како што се „дуплира“ и нашиот изглед.

Некои жени чувствуваат надуеност во пределот на долниот дел од стомакот уште од првите недели на бременоста, други го чувствуваат тоа дури кога нивниот стомак ќе почне да расте, кон крајот на третиот месец од бременоста.

Но, како и да е, порано или подоцна сите наидуваат на ситуација кога им се чини дека нема веќе апсолутно ништо во нивниот гардеробер што им одговара.

И можеби баш затоа што знаеме како е тоа кога ништо што до вчера ни било омилен дел од гардеробата, повеќе не нѐ собира, нѐ стега или пак смешно ни стои, не воодушевуваат оние трудници кои и покрај тоа што се соочуваат со истиот проблем, сепак знаат да си направат комбинации во кои ќе изгледаат исто толку шик, оригинално и прекрасно како и претходно.

Една од нив е и Стефани Христов, инфлуенсерка која е секогаш во првите редови на традиционалните модни ревии во Скопје и која секоја година се издвојува меѓу посетителите со своите модни комбинации.

Годинава, иако веќе длабоко навлезена во шестиот месец од бременоста, таа е повторно таму, подеднакво интересна, креативна, па дури и ексцентрична, како и претходно.

Иако, нормално, стомакот ѝ се зголемува од месец во месец и ѝ го оневозможува носењето на поголемиот дел од облеката што ја носела пред бременоста, сепак успева да се снајде.

Денес, повеќето големи модни брендови имаат посебен оддел со облека за трудници, но дали вреди да се купува облека што не е многу евтина, а која ќе ја носите само неколку месеци, ја прашуваме Стефани?

Секако дека не вреди, вели таа и продолжува:

„Mоден викенд има двапати во годината: пролет/лето и есен/зима. Овој кој се одржуваше деновиве беше на тема: „Модата е вечна” и бидејќи беше поврзан со одржлива мода, при изборот на комбинациите гледав задолжително да носам барем едно винтиџ парче.

Најчесто прво бирам едно парче облека, како главно, а потоа го смислувам аутфитот околу него. Исто така, доколку поседувам некое парче облека од дизајнерот што дента има ревија, гледам да го искомбинирам токму тоа. И секако, се обидувам да не купувам гардероба што ќе ја носам само овие 3-4 месеци во бременоста, туку нешто што ќе можам и понатаму да го комбинирам.

Значи, дефинитивно, не купувам гардероба за трудници, но затоа почнав да позајмувам некои работи од мојот сопруг Горазд, како на пример, кошули“, се смее таа и додава дека, според неа, најголемиот дел од работата, за еден аутфит да изгледа комплетно, завршуваат модните додатоци: шапки, беџови, чанти, ракавици…

„Јас најубаво се чувствувам во црно-бели комбинации со додатоци во боја, но повремено сакам да разбијам и со колорит. Модните настани ги гледам како можност да ги облечам оние парчиња што се малку поспецифични за секојдневно комбинирање, а бременоста, морам да признаам, не ми го осиромаши изборот на гардероба, туку ми ја поттикна креативноста во поглед на смислувањето нови комбинации со она што веќе го има во мојот и во плакарот на маж ми“, тврди оваа бремена инфлуенсерка.

Некои од нас кога се бремени, се чувствуваат поудобно во поширока облека, па почесто ќе се облечат во широки туники и фустани, а некои се чувствуваат одлично во облека што им го нагласува трудничкиот стомак.

На која група и да ѝ припаѓате, не грижете се, носете го она во што се чувствувате најдобро и не фрлајте пари на облека која ќе ја носите само во овие 4-5 проблематични месеци од бременоста.

Употребете ја тактиката на Стефани и обидете се да бидете креативни со тоа што го имате вие или вашиот сопруг.

Само добро забавувајте се и не се нервирајте ако сте се качиле некој килограм повеќе од просеците запишани во разни табели. Сетете се дека е ова најубавиот и најпосебен период од вашиот живот.

И слушајте си го телото. Ако нешто ви прави непријатност, не го носете и едноставно, спакувајте го некаде кадешто нема да ви пречи.