Ништо после полноќ! Анестезиолозите предупредуваат на застареното правило поради кое децата непотребно страдаат од жедни и стрес пред операција


Нова американска студија открива дека на повеќето деца не им е дозволено да пијат течности многу подолго пред операцијата отколку што е препорачано со упатствата – што може да го зголеми ризикот од дехидратација, анксиозност и побавно закрепнување по процедурата.

Според истражувањето презентирано на годишниот состанок на Американското здружение на анестезиолози во Сан Антонио, дури 79% од децата и доенчињата биле без течности многу подолго отколку што е потребно.
Упатствата јасно наведуваат дека децата не треба да пијат ништо во рок од два часа пред процедурата, за да се намали ризикот од задушување или пневмонија. Сепак, податоците покажуваат дека повеќето деца не пијат течности неколку часа подолго од препорачаното.
Продолжената апстиненција од бистри течности – четири часа или повеќе – може да предизвика жед, анксиозност, болка, мачнини и повраќање, предупредува д-р Александар Нагребецки, анестезиолог во Општата болница во Масачусетс во Бостон.

Освен што е непријатно, може да биде и штетно. Децата и доенчињата се особено ранливи на дехидратација и губење калории, што дополнително го оптоварува телото и го забавува закрепнувањето.
Научниците анализирале речиси 72.000 случаи на деца под 17 години кои имале планирани операции во 12 американски болници помеѓу 2016 и 2024 година.

Иако времето на пост се намалило во просек од 11 часа (2016) на нешто помалку од девет часа (2024), тоа е сепак повеќе од четири пати подолго од препорачаните два часа. Кај доенчињата речиси и да немало подобрување – тие постеле во просек, околу 6,5 часа.

Причините за оваа практика не се сосема јасни, но истражувачите се сомневаат дека многумина сè уште се придржуваат до застареното правило „Не јадете и не пијте ништо после полноќ!“.

Експертите нагласуваат дека родителите и давателите на здравствени услуги треба да ги следат тековните препораки, кои им овозможуваат на децата да добиваат бистри течности до два часа пред процедурата – како што се вода, бистри сокови, газирани пијалаци, желатин или супа.

Пијалаците што содржат шеќер или електролити им обезбедуваат на децата вода и енергија потребни за нормално функционирање, но и за олеснување на закрепнувањето од стресот поврзан со операцијата, додава водечкиот автор на студијата, Итан Лоудер од Медицинскиот факултет Харвард.

Резултатите од истражувањето се прелиминарни бидејќи сè уште не се објавени во научно списание, но тие ја истакнуваат важноста од ажурирање на болничките практики и информирање на родителите – за да се избегне непотребна непријатност и ризици за најмладите пациенти.