Нов брз тест на крвта открива сериозни инфекции кај децата за само 15 минути

Во Англија моментално се тестира нов брз тест на крвта кој би можел да им помогне на лекарите да идентификуваат сериозни инфекции кај децата за само 15 минути.

Тестот би можел значително да го забрза дијагностицирањето на болести како што се сепса или менингитис, покажувајќи дали инфекцијата е бактериска или вирусна – што е клучно за одлучување дали на детето треба веднаш да му се дадат антибиотици.

За разлика од стандардните тестови на крвта кои се анализираат во лабораторија и потребни се часови за да се добијат резултатите, овој тест дава речиси моментален преглед на состојбата на детето. Лекарите вклучени во испитувањето велат дека веќе ги гледаат придобивките: едно дете со менингококен менингитис добило лекување многу порано, а друго со сепса добило антибиотици веднаш.

Технологијата моментално се тестира во три болници – во Ливерпул, Лондон и Њукасл. Професорката Енитан Карол, од Универзитетот во Ливерпул, која го води проектот, објаснува:

– Многу бебиња и деца доаѓаат во болница со покачена температура. Овој тест може да им помогне на лекарите брзо да утврдат дали станува збор за безопасна вирусна инфекција како што е настинка или сериозна состојба што бара итен третман.

Целта на студијата е да се види дали тестот може да помогне во донесувањето побрзи и поточни одлуки, но и да се намали непотребната употреба на антибиотици – што би им користело и на децата и на здравствениот систем како целина.

Д-р Шарлот Дуранд, од Детската болница „Алдер Хеј“, верува дека тестот би можел „значително да го промени начинот на кој децата се лекуваат во одделенијата за итни случаи“.

Д-р Рон Даниелс, од британскиот фонд за сепса, додава дека тестот буквално би можел да спаси животи. Се проценува дека околу 500 деца умираат од инфекции во Велика Британија секоја година, а во дури 40% од случаите третманот се покажал како неоптимален.

– Донесувањето правилни одлуки за тоа кога и на кого да се дадат антибиотици може да значи разлика помеѓу живот и смрт – вели Даниелс.

– Сепсата и тешките инфекции се едни од најголемите предизвици со кои се соочува здравствениот систем, а попаметната употреба на антибиотици – давање на оние на кои навистина им се потребни и избегнување таму каде што не им се потребни – никогаш не била поважна.

Иако студијата моментално се спроведува кај деца, претходните истражувања сугерираат дека тестот би можел да биде подеднакво корисен и кај возрасните.