Нов тренд кај младите во Кина, но и ширум светот: Родителите им плаќаат да бидат деца со полно работно време

Исцрпена од притисокот да успее како фотографка, Лицки Ли (21) решила да прифати подобра понуда – да ја напушти работата и да ги помине деновите купувајќи намирници за своето семејство и грижејќи се за својата дементна баба. Ли е една од сè поголемиот број деца во Кина чии семејства им плаќаат за да останат дома. Нејзините родители ѝ даваат плата од околу 835 американски долари месечно. Тоа е солидна плата за средната класа во помалку урбаните делови на Кина.

„Причината поради која сум дома е затоа што не можам да се справам со притисокот од одење на училиште или на работа. Не сакам интензивно да се натпреварувам со моите врсници, изјавила таа за CNN. Наместо тоа, таа се одлучила за традиционалните семејни вредности и поедноставен живот. „Не ми треба нужно подобро платена работа или подобар живот, среќна сум вака“, додала таа.

Синови и ќерки со полно работно време
Ли не е единствената, овој тренд бил забележан при крајот на минатата година на популарната кинеска социјална мрежа Доубан, а исто така е откриено и дека не е незадоволството тоа што го движи феноменот „синови и ќерки со полно работно време“.

Повеќето од десетици илјади млади луѓе кои се идентификуваат како такви велат дека се повлекуваат дома затоа што не можат да најдат работа. Стапката на невработеност кај младите (од 16 до 24 години) во јуни изнесувала дури 21,3 отсто, а тоа е дури и оптимистичка бројка.

„Вистинската стапка на невработеност кај младите е околу 46,5 отсто, бидејќи многумина не ни бараат работа, па не се пријавени. Тие претпочитаат да останат дома, а родителите им даваат пари“, вели професорот на Универзитетот во Пекинг, Џанг Дандан.

Причините за таквата ситуација се всушност едноставни и видливи во многу делови од светот.

Дали трудот (не) се вреднува?
Младите имаат помалку можности од порано, конкуренцијата е поголема, а кога ќе најдат работа, таа е помалку платена од порано. Подолго е чекањето за унапредување и покачување.

На младите веќе не им се исплаќа да вршат послабо платени физички работи во производството, ниту пак да живеат сами поради трошоците за живот кои ги надминуваат заработувачките. И во Кина и во другите делови на светот.

Само, кога во Кина, каде генерацијата родени во 80-тите која го постави стандардот на напорна работа, конкурентност, амбиции и постојано „туркање напред“, имаме ваква ситуација, тогаш треба да бидеме загрижени. Зашто, кога за само десет до 15 години исчезнува импулсот што ја претвори Кина во суперсила, тогаш не е чудно што тоа се случува и на други места.
Очигледно нешто „не е во ред“ кога младите не чувствуваат дека нивниот труд се исплати. Истовремено се „бомбардирани“ со успешни приказни, критериуми кои мора да ги исполнат.

Психолозите објаснуваат дека токму поради сите овие очекувања доаѓа до одбивност и губење на мотивацијата, односно контраефект кој се прелеал на целата генерација, а тоа сериозно ќе се одрази на економијата.