Нов тренд за запознавање на Тик-Ток: Пазете се од „беж знаменцата“!

Како и повеќето трендови денес, така и овој започна на Тик-Ток кадешто хаштагот #BeigeFlags моментално има над 249,5 милиони прегледи. За ова е „виновна“ Кејтлин МекФејл, која стана вирална со своето видео во кое таа ги „оцрнува“ фразите и фотографиите што луѓето ги користат на профилите за запознавање.

Според Кејтлин, самопрогласена „извршна директорка на беж знаменцата“, овие предупредувачки знаци вклучуваат луѓе кои имаат цврсти ставови за здодевни работи, како што се „мислење за коријандерот или за тоа дали ананасот треба да се најде на пица“, за лицата кои често користат емотикони со кученца „за да го сокријат својот недостаток на индивидуалност“ или за луѓето кои пишуваат дека бараат некој „кој ќе може да ги поднесе нивните шеги“.

Што означуваат беж знамињата?
Како и црвените знамиња, така и беж знамињата можат да укажат на некој кој е целосно некомпатибилен со вас. Сепак, тоа не е нешто скандалозно, како склоност кон пијани повици во 3 часот наутро или претплата на „OnlyFans“ на некоја девојка. Бежовите знаменца покажуваат дека потенцијалниот состанок би можел да биде премногу здодевен.
Се разбира, многумина се приклучија на дискусијата со свои искуства за беж знамињата – почнувајќи од бескрајни селфи во теретана до луѓе кои тврдат дека имаат многу нејасни интереси. Секој кој на својот профил ќе напише „Сакам да се смеам и сакам да патувам“ може да се препознае.

Така, терминот „беж знаме“ се шири на сите области од животот, па дури и на пријателите и домашните миленици. Но, овој термин, како и многу други, како што се црвени, зелени или жолти знамиња – сепак се субјективни. Затоа што она што е за некои беж, за некои е црвено и обратно…

Не е се’ така – беж…
И додека поддржувачите на овој тренд не толерираат луѓе кои, на пример, дискутираат за тоа дали на колачот прво оди кремот или џемот, има и такви кои тоа го сметаат за предност.

Всушност, според Бамбл (сајт за запознавање), откривањето на посебни хобија и интереси е всушност одличен начин да добиете покана за состанок овие денови, па можеби е време да престанете да им кажувате на луѓето дека ја сакате храната и наместо тоа да го откриете вашиот таен рецепт за некој специјалитет…