Најновиот тренд на Тик-Ток собра многубројни жени-домаќинки кои цврсто ја отфрлаат идејата на феминизмот. Тие секојдневно објавуваат видеа од своите семејни обврски на гореспоменатата мрежа со хаштагот tradwife, за да му дадат до знаење на светот дека се независни домаќинки.
„Никогаш не сум верувала дека жените треба да работат ако се во брак и имаат деца“, вели 25-годишната корисничка Ести Вилијамс во своето видео, додека друга додава: „Ние жените сфативме дека можеме да се натпреваруваме со мажите; но по која цена?“
„Гледам дека жените се оддалечиле од своите првобитни улоги, за да се натпреваруваат со мажите“, „Тоа е погрешно. Ние сме жени и треба да го разбереме тоа“, „Библијата конкретно зборува за родовите улоги, и јас целосно го поддржувам тоа“, се само дел од коментарите од ордите горди домаќинки.
Станува збор за релативно нов тренд именуван како тредвајф (tradwife), што е всушност, нов израз за традиционална сопруга или традиционална домаќинка.
Една од нив е и популарната инфлуенсерка Нара Смит која е критикувана поради нејзиното идеализирање на тинејџерската бременост откако објави контроверзно видео на Денот на мајките.
Под видеото, во кое таа го прегрнува своето дете, е наведено: „Одлучи да станеш мајка на 18 години, а сега го славиш твојот петти Ден на мајката“.
Ова ги загрижи нејзините следбеници кои ја обвинуваат дека ги охрабрува другите девојки прерано да станат мајки.
Оваа 23-годишна девојка, која има три деца со својот сопруг Лаки Блу стана позната на Тик-Ток прикажувајќи го својот традиционален начин на живот. Таа готви раскошни оброци за своето семејство секој ден и без напор се грижи за децата. Со оглед на тоа што нејзиниот профил прикажува луксузен живот, бидејќи носи дизајнерска облека и живее во прекрасна куќа, многумина предупредуваат дека повеќето млади мајки немаат такви услови.
„Секако дека сум среќна за неа, но ова не е реалноста на повеќето тинејџерки на 18 години. Нара, те молам не го идеализирај ова“, пишува едно лице.
„Потсетник до сите осумнаесетгодишници: вие немате пари како Нара Смит“, додава друг.
„Девојки, ги немате парите на Нара, ова не е знак дека треба да имате деца“, вели трета.
„Не паѓајте на тоа. Завршете факултет. Најдете работа. Станете финансиски независни“, се согласува друго лице.
На „Редит“ избувна поширока дискусија за тоа зошто инфлуенсерката, која е член на мормонската заедница, силно се залага за овој став.
Некој забележува: „Кај мормоните секогаш има некоја приказна во позадина. Најдете ми инфлуенсерка која не е мормонка или фундаменталистичка христијанка. Проблемот е што таа промовира фантазија што е недостижна за 99 проценти од луѓето – брак и деца на 18 години со еден приход, без никаква сигурност.“
Инфлуенсерката има три деца и е маќеа на ќерката на нејзиниот сопруг
Терминот „тредвајф“ е сè попопуларен на социјалните медиуми и ги опишува жените кои носат облека во стилот на 1950-тите и живеат според традиционалните родови улоги.
Нара Смит е во брак со моделот Лаки Блу Смит од февруари 2020 година и имаат три деца: ќерката Рамбл Хани (3), синот Слим Изи (2) и ќерката Вимси Лу (4 месеци). Таа е исто така маќеа на седумгодишната ќерка на Лаки, Гревити, од неговата претходна врска со моделот Сторми Бри.