Ново истражување: Дури 40 отсто од децата имаат свој екран уште од 2 години

Според најновиот извештај за користење на екраните, децата на возраст под осум години поминуваат пред нив речиси два и пол часа дневно (2:27 часа).

Ако сте родител кој воспитувал дете за време на пандемијата, веројатно веќе сте почувствувале дека месеците на локдаун и онлајн училиште го променија начинот на кој децата ја користат технологијата.

Common Sense Media го објави своето најново истражување за медиумските навики на децата, кое покажува колку работи се смениле од 2020 година.

Еден од клучните наоди на овој извештај е колку рано почнуваат децата редовно да користат екрани. До двегодишна возраст, дури 40% од децата веќе имаат свој таблет, а таа бројка се искачува на 60% до четиригодишна возраст. До осумгодишна возраст, секое четврто дете има свој мобилен телефон.

Ова истражување, спроведено во август 2024 година на примерок од 1.578 родители на деца под осум години, е петто во серијата извештаи за следење на медиумските навики на младите од 2011 година. Последното такво истражување било спроведено на почетокот на 2020 година, непосредно пред затворањето на училиштата и промените предизвикани од пандемијата.

„Овој извештај дава единствен увид во промените во употребата на медиумите по пандемијата, а споредбите со податоците од 2020 година ни помагаат подобро да разбереме како се развиле навиките на децата во овој период“, истакнале истражувачите.

Времето поминато во играње видео игри се зголемило за 65%

Вкупното време на екраните се зголемило за само 13 минути во споредба со 2020 година, но начинот на кој децата ја користат технологијата претрпел значителни промени. На пример, времето поминато во играње видео игри се зголемило за 65% од 2020 година.

Најголем скок има кај децата на возраст од 5 до 8 години, кои сега во просек поминуваат по еден час и четири минути дневно играјќи игри.

Исто така, кратките видеа од платформи како Тик-Ток, Инстаграм (Instagram Reels) и Јутјуб (YouTube Shorts), станаа важен извор на содржина за децата, при што 18% користат такви апликации секојдневно. Истражувањето за првпат ја издвоил посебно оваа категорија, одделно од видеата со долги форми на платформи како Јутјуб.

Интересно е и тоа што вештачката интелигенција (ВИ) си најде место меѓу најмладите – дури едно од три деца користи алатки за вештачка интелигенција за учење.

За родителите, технологијата претставува комплексен предизвик. Додека 75% до 80% од родителите изразуваат загриженост за времето што нивните деца го поминуваат пред екраните, во исто време три од четири родители веруваат дека технологијата може да биде корисна – без разлика дали преку едукативна содржина или преку обезбедување чувство на заедница.

Џејмс П. Стајер, основач и извршен директор на Common Sense Media, истакнал:

„Нашите најмали деца се наоѓаат на првата црта на една дигитална револуција. Од вештачка интелигенција до имерзивен гејминг, се соочуваат со технологии кои не постоеја пред неколку години. На родителите не им е лесно да се справат, поради што се стремиме да обезбедиме алатки кои можат да им помогнат да одгледаат деца со здрави дигитални навики.

Како да се најде рамнотежа?
Џил Марфи, главна и одговорна уредничка на Common Sense Media, им порачува на родителите дека рамнотежата меѓу времето на екраните и реалниот живот може да биде тешко, но дека е можно: „Додека технологијата постојано се менува, потребите на децата остануваат исти. Родителите можат да преземат практични чекори: да бидат активно вклучени во она што го гледаат нивните деца, да избираат содржина што ќе можете да ја гледате заедно и да го поврзете екранот со искуствата од реалниот живот – глумете ги омилените приказни или разговарајте за чувствата на ликовите.

Поставете јасни граници за користење на екранот, обезбедете време за оброци и спиење без технологија и запомнете – екраните се само една од алатките за поттикнување на љубопитноста на децата“.

Родителите денес се соочени со предизвици кои претходните генерации не можеле ни да ги замислат. Но, со правилен пристап, дигиталната ера може да донесе повеќе придобивки отколку штета. Клучот лежи во рамнотежата и свесното користење на технологијата уште од рана возраст.