Детскиот музички спектакл „Петар Пан и Дедо Мраз“ ќе се случува на 24 декември (17 часот) во Арената Борис Трајковски, што е можност сите заедно да ја испратиме старата и со Петар Пан, Ѕвончица, Венди, неговата дружина, изгубените момчиња, Индијанците, пиратите, капетан Кука и страшниот крокодил, да ја дочекаме Новата година.
Петар Пан во новогодишно руво ќе го фрли златниот прав на чудата, а Дедо Мраз ги повикува сите деца ама и оние што не сакаат да пораснат да не ја пропуштаат оваа неверојатна претстава.
Патем, после големите успеси: четири преполни сали на 31 март во Националната Опера и Балет во Скопје, а потоа и претставите во Штип, Струмица и Велес, ова ќе биде последниот Петар Пан за годинава.
Да потсетиме: сценариото и сонговите на Петар Пан, омилениот лик од романот на Џејмс Метју Бари, ги напиша Ристо Самарџиев, режијата и кореографијата се дело на Ирена Лозинска, а за магичната музика се погрижи Владимир Дојчиновски.
Петар Пан е синоним за волшепство и семожност, за магичен прав со кој летаат малечките херои и светот, едноставно станува волшебен. Во тоа ќе ве уверат вистинските ѕвезди на претставата, децата од Балетското студио – Арт Балет.
Новиот музички детски спектакл „Петар Пан и Дедо Мраз“ го организира Прагма продукција.