Пораѓањето и одгледувањето на „мал човек“ понекогаш е тешко.
Тоа влијае и на романтичната врска помеѓу вас и вашиот партнер.
Истражувањето спроведено од ChannelMum и The baby Show покажало дека младите родители имаат дури 2.500 кавги во текот на првата година од животот на нивното дете.
Истражувањето на 2.000 родители покажало дека најчестите расправии се околу тоа кој е повеќе или помалку уморен, кој ќе биде „дежурен“ следната ноќ, а 16% од паровите се караат и поради недостаток на сексуални односи.
Во меѓувреме, 17% веруваат дека генерално, во првата година од животот на детето чувствуваат недостаток на љубов од партнерот, а 12% изјавиле дека до расправија доаѓа откако еден од партнерите ќе се обиде да иницира секс.
Остатокот од кавгите доаѓаат од обидот да се балансираат домашните задолженија и грижата за децата кои вклучуваат хранење и менување пелени и облека.
Исто така за тоа колку често и кога детето треба да јаде и пие течности и дали треба да се остави и колку долго да плаче.
За една петтина од паровите, гореспоменатите несогласувања доведуваат до развод во првата година од животот на детето, пренесува Parents.
Зои Бонсер, водителка на The Baby Show, во изјава за истражувањето вели: „срцепарателно е да се види колку парови раскинуваат во првите 12 месеци од родителството, што треба да биде еден од највозбудливите периоди во нивниот живот.
Нема сомнеж дека е тоа прекрасен период, но истовремено е стресен период кој носи промени во режимот на спиење, рутините и обврските и навикнување на трето лице во куќата на кое му е потребна вашата постојана грижа и внимание“.
Други резултати велат дека 6 од 10 родители не се подготвени за влијанието и промените што ги носи бебето во нивните животи, додека третина од паровите можат да поминат пет дена по ред без да разговараат со својот сопружник.
Повеќе од една петтина од родителите изјавиле и дека им е тешко да се навикнат на помалку пари отколку што имале пред доаѓањето на детето на светот.
Шокантно е и тоа што над 25% од испитаниците пријавиле недостаток на блискост со партнерот по раѓањето на детето.
Добрата вест е што 23% од испитаниците рекле дека побарале помош од пријателите и семејството и дека одредени тактики, како што се наизменично ноќно станување, планирање однапред и одредување време за секс, за дружење со пријателите и редовно излегување, помогнале во зајакнувањето на односите.
Затоа, ако и вие и вашиот партнер „се мачите“ да се договорите околу обврските поврзани со новороденото бебе – не плашете се бидејќи не сте единствени!
„Дури и оние парови кои нормално комуницираат добро и имаат одлични односи можат да потврдат дека првите неколку месеци по раѓањето на детето се многу стресни, а расправиите се навистина нормален дел од процесот на приспособување“, вели Сиобан Фригард, основачка на родителскиот портал ChannelMum.
„Планирањето на времето што партнерите ќе го поминуваат едни со други може да биде исто толку важно како да научите како да се грижите за дете бидејќи среќните родители природно ќе резултираат со среќно дете“.