Постојат неколку многу важни причини поврзани со здравиот психофизички развој поради кои е подобро да бидете трпеливи со вашето малечко додека му давате да јаде, наместо да му „помагате“ да јаде користејќи разни други занимации или му давате да јаде пред екран.
Колку пати сте слушнале – оброците не се само за да го нахранат бебето, туку и за да развијат здрав однос со храната.
Бебињата учат за текстурите и вкусовите за време на оброците, учат што значи да се биде гладен и сит, а сето ова може да биде нарушено ако дозволите детето да јаде пред екран или додека го занимавате со нешто друго.
Здравите навики во исхраната вклучуваат и свесно џвакање, голтање и интеракција со околината, а екранот за време на оброците или разноразните играчки со кои му го вртите вниманието од храната, го одзема фокусот од нивниот развој.
Оброкот не е само јадење, се подразбира дека тоа е време кога родителите и бебињата градат емоционални и социјални врски. Користењето мобилни телефони за време на оброците или одвлекување на вниманието на детето од самиот оброк за да го нахраните што е можно побрзо и со што е можно повеќе храна, ја ограничува интеракцијата помеѓу родителите и бебињата, развојот на важни социјални вештини, како и воопшто, односот на детето кон храната.
Малите деца се особено чувствителни на стимулација и промени во нивната околина. Вклучувањето мобилни телефони за време на оброците може да биде премногу стимулативно, предизвикувајќи бебето автоматски да почне да јаде и да стане пребирливо и под стрес ако уредот не е таму.
Затоа, не брзајте, дозволете му на детето да ја почувствува храната, да ја допре и да ја вкуси самото без да му го одвлекувате вниманието. Зборувајте му за тоа што го јаде, објаснувајте му и дозволете му да развие однос кон храната. Или пак, не се чудете подоцна ако има нарушувања во исхраната.