Од АРНО, поарно: Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија

Здружението за социјални иновации АРНО објавува повик за учество на Академија за социјална економија за постоечки и идни социјални претпријатија кои работат во скопскиот и североисточниот регион кај нас и Пчињската и Јабланичка област во Србија.

Сите заинтересирани за повикот можат да се пријават преку пополнување на формулар и изјава за учество, најдоцна до 30-ти септември.

Програмата на „Академијата за социјална економија“ е насочена кон обезбедување поддршка на социјалните претпријатија преку обука, менторство, финансиска поддршка и вмрежување, истовремено отворајќи простор за прекугранична соработка меѓу двете земји.

Програмата се спроведува во партнерство на македонската организација „АРНО” со „Tраг фондација“ и „Оптимист“ од Република Србија  во рамките на проектот Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија, финансиран од Европската унија (ИПА 2 програма за прекугранична соработка Република Србија-Северна Македонија 2016-2020).

„Самиот слоган на донаторската програма кажува многу – „Добри пријатели, нови можности“. Ете, ние сме среќни што спроведуваме проект што сака да гради истовремено и пријателства, и да помогне на социјалните бизниси. Свесни сме дека во моментов има многу повици, академии и различни поддршки за развој на социјалната економија, но ги повикуваме нашите граѓани да се пријават на Академијата затоа што тука ќе ги втурнеме да размислуваат малку пошироко, за поширок пазар, за една поголема соработка. Земјоделски производи, туризам, кооперативи, ракотворби, сѐ што постои или чека да почне да постои е добредојдено да аплицира!“ порача координаторката  Јасмина Саид од АРНО.

Во рамките на програмата ќе бидат избрани до 12 социјални претпријатија (до 4 развиени и до 8 во почетната фаза на развој или основање) кои работат одговорно и имаат за цел да постигнат позитивни општествени или еколошки влијанија.

Избраните социјални претпријатија ќе учествуваат на 3 модули, ќе добијат менторска поддршка, финансиска поддршка од 2000 до 5000 евра (во опрема или услуги), и ќе имаат шанса да бидат дел од настани за промоција и вмрежување (саеми, конференции и сл).