Славјанка Најденовска е родена во Скопје, но уште како бебе била однесена во домот за доенчиња во Битола. Животот за неа не бил никогаш лесен, особено затоа што уште од мала била поинаква од другите. Иако не се знае кои ѝ биле родители, нашата читателка која ни се јави и не замоли да ѝ помогнеме, а ја познава уште од времето додека била дете, вели дека Кизи (прекар кој Славјанка го носи од детството), веројатно се родила како плод на врска помеѓу Македонка и некој од студентите од Африка кои во 80-тите доаѓаа на студии во тогашната СФРЈ.
Освен што пораснала без родители, Кизи има и душевно растројство, шизофренија, а веројатно и уште некои други дијагнози поради кои никогаш не можела да се грижи сама за себе.
Како дете учела во „Златен Сремец“, била интровертна, со тикови и била малтретирана од страна на врсниците. Некои од странските студенти кои тогаш студирале во Скопје, веројатно поради бојата на нејзината кожа ја сметале за своја и сакале на некој начин да ѝ помогнат, да ѝ покажат дека не е сама, вели нашата читателка која пријателувала со нив, ја посетувале Кизи во Домот за деца без родители „11 Октомври“ кадешто пораснала. Токму оттука, после 18-тата година (можеби имала и повеќе), таа била однесена во Танзанија од страна на еден од нив, кој станал нејзин старател. По неговата смрт, Кизи била транспортирана назад во Македонија пред околу 10-11 години.
Оттогаш почнува веројатно и најмачниот дел од нејзиниот живот. Кизи била сместена во Домот за бездомници во Чичино село кадешто цела година живеела сама во барака без струја. Жената која одвреме навреме ја посетува и ѝ помага колку што може, вели дека во тој период ја каснал и стаорец, а како ѝ минувале деновите и ноќите таму, си знае само таа. Не е чудно што одвреме навреме станувала и агресивна кон другите, па била испратена на лекување во болницата „Бардовци“.
Меѓутоа, по враќањето од таму, се соочила со најстрашното нешто: бараката која дотогаш била нејзин покрив над главата, била урната, а од нејзините лични работи не останало ништо.
За жал, ние не успеавме да добиеме никого од надлежните во „Чичино село“ за да прашаме зошто е Кизи оставена на улица и што се случило со нејзините лични работи.
Извесно време, со надеж дека бргу ќе се најде решение за Кизи, за неа се грижел некој човек кој ја запознал во црква, но сега и тој повеќе не може да се грижи за неа.
Впрочем, на оваа жена ѝ треба стручна помош и институција во која ќе го најде својот мир, но и ќе ја прима потребната терапија за својата состојба.
Сега, откако веќе 2-3 недели живее на улица, а можете да ја сретнете во близина на поликлиника Идадија (Млин Балкан), вели, ја задеваат тинејџерите кои се движат во околината. Неколку пати ја губела и свеста, а на лицето има и повреди кои веројатно ги добила при падот.
Нејзината познаничка вели дека на Кизи ѝ се измешани мислите, па ниту таа не знае што е точно од сето она што го зборува, но секако мора под итно да се згрижи во некоја институција кадешто ќе ја добива потребната терапија и нега.