Тудор вели дека зимите се особено здодевни за помладите, но дека возрасните кои веќе долго живеат тука, обично знаат како да си го организираат времето за да им биде интересно и во зима.
„За младите е потешко, незнам дали можете да си замислите сега како изгледа тоа во зима, но може да се случи во 8 навечер, на плоштадот каде што сега врие од народ, да нема жива душа, да не помине дури ни мачка.
Ама ако знаете како да се организирате, не е толку здодевно ни во зима. Ние сите имаме бродови, па така, одиме малку да ловиме риби, па малку лигњи, па правиме скара, се дружиме, кој има пари оди на некое патување или на скијање, младите исто одат малку на пат, малку во Загреб, има доста студенти кои се тогаш таму, а имаме и доста хорови па многумина пеат во хор.
И јас пеев во катедралниот хор како прв тенор и во машка клапа, но повеќе не пеам. Инаку, освен катедрален, имаме и градски хор, лимен оркестар, имаме две машки и една женска клапа, пожарникарско друштво, ДВД, односно, „доброволно ватрогасно друштво“ каде што членуваме околу 170-180 членови, па имаме заеднички простории, одиме на вежби, имаме дружења. Годишно ми се паѓа да дежурам 2-3 пати ноќна смена во тандем со пожарникар- професионалец какви што имаме шестмина. Кога има поголеми пожари со кои не можат да се справат сами професионалните пожарникари, се разбира, дури и во лето, сите ја оставаме работата и одиме да гасиме.
Имаме и ракомет, на пример, јас со 52 години играм ракомет за ветерани. Имаме и работа околу берба на маслинки, па потоа околу чистењето на маслинките и веќе доаѓа пролет па се спремаме за туристичката сезона“, објаснува господин Тудор.
Тој вели дека има многу луѓе кои доаѓаат тука, отвараат ресторан, работат 5 месеци и си одат, а малкумина се оние кои работат цела година. Такви се брачната двојка од кафулето на пазарот каде што го правевме интервјуто, а вкупно се 7-8 кои работат преку целата година. Од рестораните во зима работат само два „Мизарола“ и „Гранде луна“.
„Тоа се Хварани, единствени кои работат цела година, но мислам дека во зима имаат повеќе трошоци отколку што имаат ќар“, завршува господин Марио и веќе ита дома да отспие 1 час и да собере сили за останатите обврски во денот.