Според српскиот лекар Ранко Рајовиќ, лекар, невроендокринолог, основач на „Никола Тесла центар (НТЦ) – отсек за млади таленти“, кој ги постави темелите на НТЦ системот за креативно учење, родителите грешат уште од самото раѓање, поради што има сè повеќе деца со пречки во развојот, а најмногу ја обвинува преголемата заштита на најмалите.
Според него, НТЦ најлесно се опишува како примена на медицината во педагогијата. Тоа е систем за учење насочен кон развивање на когнитивните способности кај децата. Мислењето на Рајовиќ е дека развојот започнува од утробата, а родителите најголемите грешки ги прават веќе во првите неколку месеци од животот.
„Ние ги правиме децата биолошки инвалиди. Ако треба да изберам само една – најголемата грешка е дефинитивно прекумерната заштита. Не им дозволуваме да го развијат својот биолошки потенцијал, па се случува во училиште да не можат да пишуваат, да седат, да скокнат наназад… Децата имаат се повеќе пречки во развојот, а за тоа најзаслужни се родителите“, вели др. Рајовиќ.
Боење на просторијата во сина или розова боја – првата грешка
Познато е дека мозокот на бебето се развива веќе за време на бременоста, па затоа е важно мајката да внимава што јаде. Кога ќе се роди детето, посочува др. Рајовиќ, почнува интензивно поврзување на мозочните региони, па затоа е важно да се едуцираат родителите.
„Првата грешка е бојадисување на детската соба во сина или розова боја. Контрастот е важен за развојот на мозокот, а бебето кое не гледа ништо освен контраст има пастелна еднолична боја околу себе. Тука им го лишивме првото движење – движењето на очите. Потоа кога го носат бебето родителите панично си ги фиксираат главите. Јас им велам, луѓе, главата треба да се потпре, а не да се имобилизира како да носите пациент“, вели др. Рајовиќ и истакнува дека тие први движења се важни за да не се развијат пореметувања на концентрацијата и многу други.
Примитивни рефлекси – дозволете им сами да станат и да паднат
Тие, продолжува тој, се потребни за мозокот да развие некои важни региони. Примитивните рефлекси, како што се кревањето на рамената и вртењето на главата, служат токму за развојот на мозокот и не смеат да се спречат. Исто е, напоменува тој, со вртењето, лазењето, одењето, качувањето…
„Секоја од тие постапки има своја функција. Кога не ги оставаме да се обидуваат сами, да паѓаат и стануваат, добиваме деца кои на седум години паѓаат како даски, на глава. Нема да шетаат на работ од балконот. Мораат да научат сами, на трева или песок. Функцијата на проодувањето е да паднат 500 пати и да научат да ги пружат рацете. Од друга страна, секој мал момент што ќе го пропуштите значи дека едно мало делче од мозокот не се поврзало. Па кога има 20 такви грешки, пресметајте… Добиваме деца со оштетувања. А тоа не е болест, нема лек за тоа. Тоа се пречки во развојот кои настанале на најрана возраст, а лесно можеле да се избегнат“, предупреди др. Рајовиќ.
Не им ја блендирајте храната
Друга работа што ја посочува е дека треба да избегнувате блендирање на храната. Кога детето ќе почне да добива заби, треба веднаш да се почне со внесување цврста храна, најпрво малку, па постепено да се зголемуваат парчињата и количината.
„Физиологијата на мозокот е таква што милијарди импулси се испраќаат кога јадеме и ја допираме храната, џвакаме… Сето ова е важно за развојот на интелигенцијата. Кога детето јаде блендирана храна на двегодишна возраст, не му е развиен ниту јазикот, ниту вилицата, така што не можеме да очекуваме дека развојот на говорот ќе се одвива нормално“, објасни др. Ранко Рајовиќ.