Од шест парови во светот, еден е неплоден…Извештај на Светската здравствена организација

Според неодамна објавениот извештај на Светската здравствена организација (СЗО), неплодноста погодува еден од шест парови ширум светот.

Во земјите со високи приходи, неплодноста влијае на 17,8 отсто од возрасната популација, а во земјите со низок и среден приход оваа бројка е 16,5 отсто.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека извештајот покажува дека неплодноста влијае на сите делови од општеството.

„Односот на луѓе погодени од неплодност укажува на потребата да се обезбеди пристап до третман во најголема можна мера и дека овој проблем повеќе не е на маргините кога станува збор за научно истражување и здравствена политика со цел да се обезбеди безбеден, ефективен и пристапен начин да се постигне родителство за оние кои тоа го сакаат“, вели шефот на СЗО.

Што е всушност неплодност?
СЗО ја дефинира неплодноста како болест на машкиот или женскиот репродуктивен систем поради неуспехот на жената да забремени по 12 или повеќе месеци од редовен незаштитен однос.

„Ова може да предизвика душевна болка, стигма и финансиски проблеми и да влијае на менталната и психосоцијалната благосостојба“, велат од СЗО.

СЗО го заснова својот извештај на 133 од 12.000 истражувања спроведени ширум светот од 1990 до 2021 година.