Во неврзан разговор со нашата пријателка Гордана Станојевиќ од Издавачката куќа „Топер“, ја слушнавме интересната приказна за тоа како настанало едно од нивните корисни изданија, прирачникот за млади мајки насловен како „Мала помош за идната мајка и нејзиното бебе.
Имено, станува збор за содржина која авторката на прирачникот, Јелена Лончар, ја подготвувала со голема брзина и уште поголема љубов за својата ќерка веднаш штом дознала дека таа е бремена. Не сакајќи да пропушти ниту еден период од бременост на својата ќерка, госпоѓа Јелена брзала да ја наполни тетратката со сите потребни совети во врска со бременоста.
„Јас сум многу заштитнички настроена кон целото мое семејство и сите ги штитам, така што штом дознав дека мојата ќерка е бремена почнав да пишувам за неа сѐ што може да ѝ помогне, сите совети како треба да се храни, да се негува, совети за исхрана и информации за тоа како изгледа нејзиното бебе во секоја недела од бременоста, сѐ што мислев дека ќе ѝ биде потребно. Но, подоцна не можев да се запрам, па продолжив да пишувам за подготовките за породувањето, за тоа што треба да содржи нејзината торба за во болница, а потоа почнав и нова тетратка во која ѝ пишував совети за нега на бебето, за доење, бањање, исхрана, рецепти за повеќе од 70 кашички за бебиња и на крајот дури и приспивни песни.
Тие две тетратки беа полни со моите илустрации, полни со љубов и грижа. Само сакав мојата ќерка Марина да биде сигурна, самоуверена, опуштена, да ужива во своето бебе“, раскажува нашата соговорничка.
Секако, кога од „Топер“ ѝ кажале дека нејзините две тетратки ќе ги преточат во една прекрасна, нежна книга, како прирачник за секоја идна мајка, а особено сега кога гледа дека таа нејзина интимна приказна преточена во книга е навистина помош за многу млади мајки и за многу идни мајки, таа е пресреќна и низ шега вели: Лесно е да станеш мајка, кога знаеш сѐ.
Сепак, книгата ѝ е посветена на нејзината ќерка Марина со неизмерна љубов за неа и за сега веќе четиригодишниот внук Марко.
Кога само неколку недели откако дознала дека нејзината ќерка е бремена и ѝ ги дала овие тетратки, едната со совети и информации за целата бременост, а другата за нега на бебето до една година, нејзината ќерка се расплакала.
„Беше трогната, знаеше колку труд и љубов вложив во тие тетратки, знаеше дека сум ги пишувала и сум цртала со ноќи, па сега љубоморно ги чува како вредно богатство, а кога некој ќе ѝ ги побара, не ѝ се даваат, па им прави копија.
Голем дел од книгата е од моето лично искуство, но тоа не беше доволно. Заради тоа што сѐ се менува во врска со негата на бебето, јас секојдневно барав, истражував и запишував. Многу од тоа сум го применувала и самата во негата на своите деца, но многу работи се промениле за 30 години, па тука се и новите искуства на мои блиски пријатели и многу истражување“, вели оваа грижлива мајка и баба.
Многу од кашичките во книгата таа ги измислила самата знаејќи што е здраво и препорачливо да внесува бебето на одредена возраст и секако, сето тоа е проследено со нејзините илустрации. Имено, госпоѓа Лончар, освен што е посветена и грижлива мајка (има и постар син кој веќе 14 години боледува од мултиплекс склероза), таа е вработена во позната модна куќа во Белград, а веќе 20 години се занимава и со сликарство .
„Уметноста е моја голема љубов, сликам повеќе од 20 години, имам безброј слики во разни техники и досега сум имала четири самостојни изложби. Последните неколку години ме исполнува тоа што поинтензивно се занимавам со декупаж техника и украсувам сѐ што ќе ми дојде при рака, од мојата трпезарија, послужавници, фиоки, плакари, па и стаклените шишенца кои ги полнам со моите домашни ликери. Патем, правам 10 вида ликери“, се смее нашата креативна соговорничка.
Освен ова таа секогаш го радува внукот и со своите креативни и вкусни медени колачи.
Иако нејзината ќерка имала сѐ во тетратките, таа често ѝ се јавувала за совет и за помош.
„Секако, јас не сметав дека тетратките ќе ме заменат, па секогаш сум тука за сите проблеми. Мојата ќерка е прекрасна мајка и одлично се грижи за својот син кој расте во прекрасно момче полно со љубов, со убави манири, внимателно и нежно кон девојчињата и се гордеам со нив, а најдоброто од сѐ е што ќерка ми е повторно бремена, па верувам дека ќе се наврати на моите тетратки, поточно, на мојата книга“, вели таа.
Госпоѓа Јелена вели дека за жал, не поминува со својот внук толку време колку што би сакала, заради ситуцијата со короната, но во заедничките моменти кои ги поминуваат главно на игралиште и во парк, таа му ги исполнува сите желби, а тој, Марко, знае дека баба може сѐ.