Ако прошетате низ охридската чаршија, не можете да го одминете дуќанот на Крсте Белев, кој тој го наследил од неговиот татко Ѓорѓи и од чичкото Милан Белев.
Чичко му работел како опинчар до својата 96-та година и неговата слика стои во дуќанот откако тој, пред две години починал.
По неговите стапки оди и нашиот соговорник, господин Крсте кој иако веќе има наследник, поточно, наследничка, не планира да престане со работата.
„Ќерка ми која е инаку, професорка по италијански јазик и зетот, ќе го продолжат занаетот, но и јас не мислам да претанам да работам и ќе терам како чичко ми, речиси до стотка“, вели Крсте и додава: „оти да не работам, не ми фалит ништо“.
Иако вели дека неговиот татко Ѓорѓи имал желба барем еден од семејството да биде учен, па тој се запишал на факултетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и дипломирал право, сепак нема ниту еден работен ден по струка, туку целиот работен век, веќе 30 години, работи како опинчар во семејниот дуќан.
А дуќанот кој постои од 1946 година, значи, цели 80 години, бил регистриран како 302-ра фирма во тогашна Социјалистичка Република Македонија и од тогаш до денес, како што вели нашиот соговорник редовно ѝ плаќаат порез на државава.
„Јас, најмногу по желба на татко ми кој сакаше да има барем еден учен во семејството, дипломирав на Правниот факултет, правно-политички науки, кривично-процесно право со криминалистика и судска медицина со психијатрија. Кога завршив во 1990 година, сите мои другари ги вработија, ама мене не ме вработија, затоа што јас тргнав со знамињата да правиме самостојна држава.
Од Удба тогаш одеа кај татко ми за да му кажат да ме прибере“, се потсетува нашиот соговорник додавајќи дека иако од 90-тата е член на ВМРО, нема земено ништо од никого, а со оглед на тоа што за него немало работа и никој не го вработувал, учениот пак завршил како опинчар.
Додека неговата ќерка веќе се определила да продолжи со занаетот на дедовците и на нејзиниот татко, неговиот син има дуќан за авто-делови.
„Имаме и апартмани што ги издаваме (Вила Магдалена во Охрид), а дома имаме и голем погон кадешто ги изработуваме чевлите. Сѐ што сум направил сум го направил сам, без кредит, со овие две раце“, ги покажува своите раце мајстор Крсте прекинувајќи за момент со шиењето на опинците.
Вели дека иако нивните изработки се рачни, сепак немаат висока цена бидејќи ја земаат предвид лошата економска состојба.
„Поубаво е да имаш постојано работа па макар и без голема заработка, отколку да останеш без муштерии. Проширен и екстра профит си доаѓа со време и со трпение.
Брза акумулација на капитал се прави само со криминал, сите што станаа богати, се збогатија со криминал, инаку, ако чесно се работи, треба многу време, дури втората-третата генерација гледа аир од таа работа“, вели тој и додава дека е тоа неговиот стил на работа сите овие години, поради што и може мирно да спие.
Инаку, освен опинци, тие изработуваат и убави кожни чевли, а некои од нив завршиле и во Лондон.
„Беа тука едни момчиња, наши, кои имале продавница во Лондон и купија неколку пара од чевлите, а потоа ми кажаа дека таму ги продале многу поскапо. Ама тоа е Лондон, а ова Охрид“, вели мајстор Крсте продолжувајќи спокојно и трпеливо да си шие со иглата.