Осаменоста може да го зголеми ризикот од мозочен удар до 56 проценти


Според една нова студија, постарите возрасни лица кои пријавиле дека се хронично осамени имале 56 отсто поголем ризик од мозочен удар од оние кои биле секогаш ниско позиционирани на скалата на осаменост, пренесува CNN.

„Важно е редовно да се проценува осаменоста, бидејќи последиците може да бидат полоши ако не се идентификува и/или се игнорира“, вели водечкиот автор на студијата д-р Јене Сох, научен соработник во Одделот за социјални и бихејвиорални науки на Харвардската школа за јавно здравје Т.Х. Чан.

Студијата, која беше објавена во списанието eClinicalMedicine, ги разгледала податоците собрани помеѓу 2006 и 2018 година како дел од истражувањето Health and Retirement Study.

Според студијата, првично биле анкетирани повеќе од 12.000 учесници на возраст од 50 или повеќе години помеѓу 2006 и 2008 година.

Во понатамошното следење на истражувачите, четири години подоцна, во студијата останале речиси 9.000 учесници.

Тие одговарале на прашања на ревидираната скала за осаменост на Универзитетот во Калифорнија и добиле оценки врзани за осаменоста и тоа за двата временски периоди.

Истражувачите, исто така, ги следеле настаните на мозочен удар кај учесниците и ги анализирале податоците во однос на нивните резултати за осаменоста, според студијата.

Додека имало силен пораст на ризикот за луѓето кои имале висок резултат на осаменост во двете точки од истражувањето, немало јасна поврзаност со ризикот од мозочен удар кај оние кои имале висок резултат само во еден временски период, објаснила Сох.

Ова сугерира дека најголемото влијание врз ризикот од мозочен удар се случува долгорочно.

„Веќе некое време знаеме дека осаменоста е фактор на ризик за многу состојби“, вели д-р Мет Пантел, вонреден професор на одделот за педијатрија и главен професор на Центарот за здравје и заедница на Калифорнискиот Универзитет во Сан Франциско, кој не бил вклучен во истражувањето.

Претходните истражувања ги поврзувале осаменоста и изолацијата со проблеми со спиењето, воспаленија и други симптоми кај младите луѓе и со пократок животен век, несоница, депресија и други симптоми кај постарите возрасни лица.

Осаменоста и социјалната изолација може да се поврзат со поголем ризик од срцеви заболувања, деменција, дијабетес, зависности, самоповредување и самоубиство кај луѓето од сите возрасти.

„Оваа нова студија имплицира дека знаењето дали некоја личност е или не е осамена и колку долго, е важен фактор што може да помогне да се идентификуваат оние со поголем ризик од мозочен удар“, додал Пантел.

Дали сте осамени или сте сами?

Ако сте често сами, не значи дека секогаш ќе се чувствувате осамено.

Да ​​бидете сами значи да имате малку луѓе околу себе, додека осаменоста е чувство на изолација што можете да го имаш без разлика на бројот на луѓе околу вас.

И тоа чувство на осаменост, како што покажало истражувањето, е во корелација со зголемен ризик од мозочен удар.

„Бидејќи осаменоста е многу субјективно искуство, важно е осамените луѓе да бараат помош и интервенцијата и третманот да бидат прилагодени на специфичните лични потреби на секој пациент“, , вели Сох.

Давателите на здравствена заштита можат да играат улога со скрининг за осаменост и упатување на пациентите кај терапевти и лекари за бихејвиорално здравје, додава Сох.

„Поединците можеби не се свесни или не сакаат да признаат дека се чувствуваат осамени,” вели таа.

Важно е да се напомене дека оваа студија е опсервациска, што значи дека не може да се каже дека чувствата на осаменост биле директна причина за мозочните удари, само дека тие биле поврзани, вели Пантел.

Луѓето кои се чувствуваат осамено може да бидат дел од истата демографска група или да ги имаат истите здравствени карактеристики поради кои постои поголема веројатност дека ќе доживеат мозочен удар.

Меѓутоа, истражувачите спровеле убедлива студија и провериле други објаснувања, додал Пантел.

Чувство на поголема поврзаност

Она што прави некој да се чувствува осамено често е единствено за таа личност, што значи дека промените што ѝ се потребни за да се чувствува социјално интегрирана исто така ќе бидат индивидуални.

„Кажете дали се чувствувате осамено и обидете се да откриете што конкретно може да ви помогне да се ослободите од тоа чувство“, вели Сох.

Исто така, постојат многу организации кои можат да ви помогнат во борбата против осаменоста, па затоа би било добра идеја да се вклучите во една од нив во вашата заедница, додала таа.

Можеби „скролувањето“ низ социјалните мрежи прави да се чувствувате како да сте дел од заедницата, но потребна е малку повеќе интеракција за да се бориме со осаменоста, вели д-р Оливија Ремес, истражувач за ментално здравје на Универзитетот Кембриџ во Велика Британија.

Коментирајте на објавите на пријателите или испратете приватна порака, или уште подобро, направете ја личната интеракција со луѓето во вашата заедница дел од вашата секојдневна рутина.

„Обидете се да практикувате разговори со оние што ќе ги сретнете во текот на денот и тоа ќе ви се исплати.

Тоа може да ви помогне да се чувствувате подобро, да го подобрите вашето расположение, па дури и да ја избегнете осаменоста“, објаснила таа.

Ако ви е тешко да се поврзете со други луѓе или мислите дека нема да бидете добро примени, можеби е време да побарате помош од професионалец за ментално здравје, вели д-р Луиз Хокли, главен истражувач во Академските истражувачки центри NORC, на Универзитетот во Чикаго.