Откриена е најдобрата возраст за раѓање на жените

Тинејџерките и жените во раните дваесетти години имаат поголема веројатност да раѓаат деца со дефекти на централниот нервен систем, кои влијаат на развојот на мозокот и ‘рбетот, додека бременостите на жените во зрели години најчесто се поврзуваат со деформитети на главата, вратот, очите и ушите.

Научниците од Универзитетот Семелвајс во Унгарија ги анализирале податоците за 31.128 бремености со потврдени нехромозомски вродени дефекти, забележани во официјалната унгарска база на податоци помеѓу 1980 и 2009 година. Тие ги споредиле тие податоци со повеќе од 2,8 милиони раѓања во земјата во истиот 30-годишен период.

Севкупно, ризикот од вродени дефекти се зголемил за околу една петтина кај жените под 22 години во споредба со оние во идеалниот опсег на возраст од 23 до 32 години. Исто така, ризикот од вродени дефекти кај жените постари од 32 години бил за 15 отсто поголем.

Откритието се однесува на вродени дефекти кои не се под влијание на гените на мајката

Наодите се однесуваат на нехромозомски и негенетски вродени дефекти кои не се под влијание на гените на мајката. Негенетските, нехромозомски причини за вродени дефекти вклучуваат консумирање алкохол и тутун за време на бременоста, присуство на одредени медицински состојби и употреба на одредени лекови за време на бременоста.

„Можеме само да претпоставиме зошто нехромозомските аномалии при раѓање имаат поголема веројатност да се развијат кај одредени возрасни групи. Кај мајките на поодмината возраст, акумулацијата на влијанија како изложеност на хемикалии и загадување на воздухот, влошување на механизмите за поправка на ДНК и стареење на јајце клетките и ендометриумот може исто така да играат улога“, вели д-р Богларка Пето, доцентка на Универзитетот Семелвајс и автор на студијата.

Извештајот беше објавен во BJOG: International Journal of Obstetrics & Gynaecology.

бременоствродени маанижени