Клучно за воспитување на среќно дете е да му дозволите да биде несреќно. Можеби звучи контрапродуктивно, но е многу ефикасно, вели психологот Товах Клајн.
„Сите мислиме дека воспитуваме среќни деца правејќи ги среќни. Но, децата знаат и самите да најдат радост“, изјавила таа за CNBC.
Честопати е тешко за родителите да прифатат дека на децата им е „дозволено да бидат лути, тажни и несреќни“, додава Клајн.
„Кога детето е вознемирено, родителите гледаат да го расположат или да му го одвлечат вниманието. Нема ништо лошо во тоа, но тоа не го решава изворот на она што го вознемирува детето“, објаснува таа.
Нејзиниот совет до родителите е да му кажат на вознемиреното дете да земе длабок здив и да се обиде да ги пренесе своите чувства со зборови.
„Силата доаѓа од тоа што можеме да искусиме доста интензивни емоции. Се лутиме, а потоа учиме како да се справиме со тоа. Што е најважно, детето мора да разбере дека негативните емоции ќе поминат”, истакнува таа.
Децата кои учат ефикасно да управуваат со своите негативни емоции имаат поголема веројатност да развијат отпорност што ќе им треба за да станат успешни возрасни луѓе, покажуваат истражувањата.