Родителството бара емпатија, сочувство и подготвеност вашите потреби да ги ставите на второ место, што, ќе се согласите, е спротивно на нарцисоидните особини, но тоа не значи дека родителите не можат да бидат нарцисоидни.
Нарцисоидното родителство не е дефинирано со тоа што родителите се фалат со своите деца на социјалните мрежи или ги принудуваат на дополнителни активности после училиште, тоа е многу потоксично од ова. Ваквите родители имаат проблем да им дозволат на своите деца да станат независни личности и да им дозволат да ги задоволат сопствените потреби, а во продолжение ви откриваме неколку клучни показатели за тоа дека некој е нарцисоиден родител.
Ги гледаат децата како извор на валидација
Нарцисоидните родители често се фалат со своите деца кога постигнуваат успех во училиште, спорт или воннаставни активности. Ова понекогаш го прават и други родители, но разликата е во тоа што нарцисите се незаинтересирани за своите деца додека тие не постигнат успех што можат да го присвојат. А покрај тоа, секоја потреба на детето за валидација ја занемаруваат, па дури и ја исмејуваат.
Тие ги изразуваат своите емоции, но се потсмеваат на емоциите на нивното дете
Кога се разочарани или фрустрирани, нарцисите умеат да ги изразуваат своите емоции премногу бурно и тоа може да доведе до викање, карање или нешто уште полошо. Меѓутоа, чувствата на другите луѓе често предизвикуваат презир кај нив, а децата не се исклучок, па ги принудуваат да не покажуваат емоции и ги исмеваат нивните реакции.
Секогаш ги ставаат своите потреби на прво место
Понекогаш некои обврски се неодложни и родителите не можат да се посветат на своите деца, колку и да сакаат. Но, кај нарцисоидните родители, овие ситуации се премногу чести и им служат како оправдување секогаш да прават што сакаат. Доколку има некоја активност што им се допаѓа, децата треба да ја прават со нив секој викенд, а ваквите активности не ги откажуваат дури и кога детето има важен настан.
Не поставуваат граници
Нарцисите немаат никакви интеракции со децата кога не им е до тоа, но тогаш можат одненадеж да одлучат да ги прекинат во сѐ што прават за да бараат одговори на некои прашања, безобзирно да коментираат за приватни работи или за теми кои се многу чувствителен за детето.
Имаат омилено дете
Нарцисите кои имаат повеќе деца често избираат едно дете кое ќе го опсипуваат со комплименти додека за другите ќе зборуваат лошо, а тоа воопшто не е добро за децата. Тие може да се чувствуваат неадекватно и да чувствуваат потреба да ги импресионираат своите родители уште повеќе за да добијат дури и трошка охрабрување и потврда.
Вината ја префрлаат на децата
Бидејќи таквите родители често се перфекционисти, ги припишуваат своите грешки на своите деца и им ја префрлаат вината, често со многу зајадливи и непријатни коментари. Ова префрлање на вината може да оди дотаму што децата потсвесно се откажуваат од некои свои потреби, мислејќи дека тие би биле на штета на родителот.
Очекуваат нивните деца да се грижат за нив
Ваквите родители уште од мали нозе ја испраќаат пораката до своите деца дека мора да се грижат за нив, а тоа често продолжува и во зрелоста, но со отворена желба да поттикнат вина. Тоа е емотивно уценување со директна цел за манипулација.