Неколку минути откако Џеси Бокман и нејзиното четири дена старо дете се упатиле кон украинско-полската граница, на температура од -1 степен, таа се запрашала дали ја донела вистинската одлука.
39-годишната Американка од Коста Меса ја држела својата ќерка Вивијан во носилка, под јакната, за да ја заштити од силниот ветер. Таа се загрижила дека тоа нема да биде доволно и дека бебето ќе замрзне. Нејзиниот сопруг Џејкоб Бокман ги носел нивните два куфери.
На секои 10 до 20 минути, тие проверувале дали Вивијан е топла и дали дише. Неколку постари жени кои исто така бегале на запад, одмавнувале со главите и ги гледале со неодобрување, пишува ЛА Тајмс.
„Што му направив на ова дете? Ова би можело да биде најлошата одлука што сум ја донела“, помислила 39-годишната Џеси, инаку, офталмолог по професија.
Во 2019.година парот бил во брак речиси една деценија, а ќерката им ја родила сурогат мајка во Украина. Кога решиле да имаат уште едно дете, повторно нашле жена во Украина.
Вивијан првично требало да се роди на 23 февруари. Парот бил свесен за тензиите меѓу Украина и Русија, па биле воодушевени од веста дека девојчето ќе се роди порано од планираното, на Денот на вљубените. На 13 февруари тие отпатувале во Киев за да присуствуваат на раѓањето на нивното дете. Но, кога пристигнале, лекарите рекле дека сурогат мајката Лилја сѐ уште нема да се породи.
„Гледавме како ситуацијата се влошува. Ќе мораме да излеземе преку Полска“, помислил Џејкоб.
Вивијан конечно се родила на 22 февруари. Двојката не можела веднаш да ја види бидејќи правеле сѐ за да ги добијат нејзините патни документи и што поскоро да ја напуштат Украина. Без извод на родени знаеле дека нема да можат легално да ја изнесат надвор од државата. Исто така, Вивијан не се хранела добро, па парот барал алтернативна храна за млеко за бебиња за да се увери дека ќе биде добро.
Едвај ги убедиле лекарите да го пуштат бебето од болница
Откако во четвртокот наутро ги разбудила експлозија, тие знаеле дека е време да заминат. Имале извод од матичната книга на родените на бебето, но немале отпусни документи.
„Не, не можете да заминете додека докторот не го види бебето“, им рекле медицинските сестри.
„Бебето е добро“, нервозно ги уверувала Џеси. Таа знаела дека мора да ја напуштат Украина што е можно поскоро. По 30 минути убедување, бебето било отпуштено од болница.
Нивниот возач Алекс повеќе не можел да ги земе, туку им испратил друг возач, Вала, кој зборувал само руски. Тие комуницирале преку Google Translate и се упатиле кон привремената амбасада на САД во Лавов, во близина на границата со Полска.
Патувањето требало да трае шест до седум часа, а се претворило во 27-часовно мачење. Им требале четири часа само за да го напуштат Киев. Илјадници се обидувале да го напуштат главниот град на Украина. Вивијан спиела цело тоа време. Плачела само кога била гладна, а ќе се смирела штом ќе ја нахранеле.
Телефонот на Вал заѕвонил неколку пати. Секој пат кога тој ќе одговорел, слушале како една жена панично вика на руски. Заклучиле дека сопругата го молела да се врати дома.
Тие се чувствувале виновни затоа што го одвоиле Вал од семејството, а во исто време биле и исплашени.
„Дали овој човек ќе не одведе до целта или ќе не остави некаде сами?“ си помислил Џејкоб во себе.
По неколкучасовно патување дознале дека привремената американска амбасада е затворена. Морале да одат во Полска. Тие му понудиле на Вал повеќе пари, а тој се согласил да ги однесе колку што може.
Кога стигнале на граница, било 2 часот по полноќ. Застанале во колона од автомобили. Ноќта спиеле во кола. Се загрижиле дека бебето ќе замрзне, па наизменично го држеле и го загревале.
Околу 9 часот и 30 минути сфатиле дека колоната автомобили воопшто не се движи. Решиле да продолжат пешки. Било постудено отколку што очекувале и Џеси почнала да плаче.
Мислеле дека успеале, а потоа граничната полиција одбила да го пушти Џејкоб да помине.
На границата владеел хаос. Немало ред, мажите туркале, децата плачеле, а жените врескале. По два и пол часа, толпата ги турнала Џеси и Вивијан, но не и Џејкоб.
„Тоа се мојата сопруга и бебе, пуштете ме да одам со нив“, ги молел насобраните. Но, масата бегалци не го пуштале да помине. Подоцна дознал дека граничарите пуштаат само жени и деца, а не и мажи.
Џејкоб бил во комуникација со претставници на американската амбасада, кои ветиле дека ќе помогнат. Ја молел полицијата да го пушти и го покажал пасошот.
„Лажен пасош“, рекол еден, го зел пасошот и го фрлил настрана.
Воздушните напади започнале во блискиот Лавов и тензиите се зголемиле. Џеси ги молела чуварите да го пропуштат нејзиниот сопруг, но тие биле немилосрдни. Тогаш Вивијан почнала да плаче, а Џеси сфатила дека млечната формула и водата се кај нејзиниот сопруг од другата страна на бодликавата жица.
Кај него биле и пасошот на Џеси, изводот на родените на Вивијан и бебешката облека.
„Морам да го нахранам бебето, ми треба храна за моето дете“, извикала очајната Џеси и успеала со помош на едно украинско-американско семејство да го убеди чуварот да го пушти нејзиниот сопруг да ѝ ја донесе чантата.
Џејкоб потоа бил вратен на украинската страна. Со часови се обидувал да ја реши ситуацијата. На крајот, главниот чувар кој добил фотографија од Џејкоб од службеник на американската амбасада му рекол да се упати кон затворениот влез за автомобили, каде што бил пуштен да помине. Семејството било повторно обединето. Тие се упатиле кон Варшава и се сместиле во хотел од каде ќе полетаат за Лос Анџелес. Тие се меѓу околу 500.000 луѓе кои досега ја напуштиле земјата.