Педијатар предупредува: Ова се најчестите грешки што ги прават новoпечените родители

Сите родители понекогаш грешат, а да се биде родител е една од најтешките работи со кои можеме да се соочиме, особено првите неколку месеци кога малото бебе тукушто пристигнало во семејството. Како што објаснува педијатарот д-р Нилеш Рао, родителството е процес на учење во кој повремено грешиме и така ги совладуваме пречките. Но, избегнувањето на некои вообичаени грешки може да го направи целиот процес на приспособување на новите родители полесен и помалку стресен.

Паника за сѐ и сешто
Најчеста грешка што ја прави секој нов родител е кревањето паника за сѐ. Како што објаснува педијатарот, родителите првите неколку години од родителството ги поминуваат грижејќи се за многу работи. Исхраната на бебето, спиењето, плачењето… Апсолутно сѐ ги загрижува.

„Значи, ако сте еден од тие испаничени родители, престанете да се грижите за сѐ и сешто. Грижата за несаканите работи нема да ви донесе ништо добро ниту вам, ниту на вашето бебе. Наместо тоа, бидете смирени и редовно носете го вашето бебе на лекар, оставете ги експертите да ви ги објаснат вашите грижи“, објаснува д-р Рао.

Занемарување на оралната нега
Новопечените родители често ја занемаруваат оралната нега на децата додека не стане предоцна, предупредува педијатарот. Имено, оралната хигиена е исто толку важна за доенчињата како и за возрасните. „Следниот пат, не заборавајте да ги избришете непцата на вашето бебе со влажна, мека крпа откако ќе го нахраните. На овој начин ќе спречите појава на кариес и други бактерии во устата на детето“, додава тој.

Игнорирање на партнерот
Доаѓањето на нов член во семејството може да не окупира толку многу што несвесно би можеле да заборавиме на партнерот. „Важно е да му дадете приоритет на партнерот и да поминете квалитетно време со него. Можете да го оставите бебето кај родителите или да викнете некого да го причува, а вие да одите на вечера со вашиот партнер. Ова ќе ви помогне да ја одржите искрата во вашата врска или брак, а исто така ќе придонесе за подобра атмосфера во домот“, советува д-р Рао.

Расправија со партнерот пред детето
Педијатарот предупредува дека многу родители поради исцрпеност, недостаток на сон и многу обврски имаат проблеми во врската кои ги решаваат со расправија. Меѓутоа, во овој случај потребно е што повеќе да избегнувате расправии и викање пред детето. „Никогаш не правете го ова затоа што постојаната расправија може да има негативен ефект врз мозокот на новороденчето. Имено, неговиот мозок е многу чувствителен, па секој вид на стрес може да го забави развојот на детето“, објаснува тој.

бебепедијатарсовети