Претседателот Стево Пендаровски денеска во Гостивар го посети семејството на Ембла Адеми, како и основното училиште „Единство“, каде Ембла ја следи наставата.
При посетата на семејството Адеми, Пендаровски ги испочитува домаќините и влезе во нивниот дом по чорапи.
Со родителите на Ембла разговараа за предизвиците со кои таа и нејзиното семејство се соочуваат на дневна основа, фокусирајќи се на можностите за нивно надминување. Пендаровски ги охрабри и поддржа родителите во нивната борба за заштита на правата на децата со атипичен развој и ја поздрави брзата реакција на Народниот правобранител и одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација да отвори постапка за случајот со Ембла.
Претседателот ја нагласи важноста од запазување на законските одредби на инклузија во образованието, потенцирајќи ја општествената одговорност особено кон ранливите групи.
Пендаровски истакна дека се неприфатливи однесувањата на оние кои на кој било начин ги загрозуваат правата на децата, дотолку повеќе кога станува збор за деца со атипичен развој. Тие не само што треба да ги уживаат правата кои им следуваат, туку и да се чувствуваат еднакви и добредојдени во училишните клупи и училишниот двор. Тоа е наша обврска, како држава, но и како поединци, а клучниот елемент во оваа заедничка мисија е емпатијата. Таа ќе им помогне на децата како Ембла, но ќе ни помогне и нам, да научиме од нив како искрено да се радуваме, да споделуваме и да бидеме солидарни, додаде претседателот.
„Во ова општество сите сме еднакви. Дојдов да ја дадам мојата поддршка и да ја кренеме свеста дека инклузијата е основен принцип”, рече претседателот Пендаровски.
Претседателот се осврна на инклузивноста како стремеж кој не треба да остане само декларативен, туку преку пракса да се користат потенцијалите на лицата со атипичен развој. Предрасудите во тој контекст се главната пречка за изградба на еднакво и праведно општество за сите, истакна тој додвајќи дека ресорните министерства и надлежните институции имаат законска, но и морална обврска да овозможат инклузивно образование, во кое главниот фокус ќе биде развивање вештини и способности кај децата со различен развоен процес, нагласувајќи ја потребата од сензибилизирање на јавноста по овие прашања.
Во меѓувреме, деновиве таткото на Ембла на својот профил на Фејсбук најави формирање на здружение за заштита на децата и на лицата со Даунов синдром во Гостивар.
„Почитувани поддржувачи, наскоро ќе се формира здружение ЕМБЛА кое ќе има за цел заштита на децата и лицата со Даунов синдром во Гостивар. Логото на здружението ќе биде ликот на нашата ќерка Ембла, изработено од уметникот Синдис Адеми“, напиша овој татко.
Денес Ембла беше инспирација и за акцијата која се одржа во центарот на Скопје. Неколку активисти на своите тела носеа натписи „И јас имам Даунов синдром, те молам допри ме“.
Според активистите, во текот на неколку часа додека траела акцијата, од околу 3000 минувачи кои поминале во непосредна близина на активистите, само поразувачки 3% или нешто помалку од 100 луѓе оствариле контакт, односно ги допреле активистите.
Според нив, случај со Ембла потсетува на нетолерантноста на сите кон она што е различно.
„Овој случај мора да нè потсети и на стотиците други деца и возрасни кои секојдневно се соочуваат со слични ситуации, но не на очиглед на јавноста“, велат активистите.
Тие се надеваат дека преку акцијата ќе остварат директен контакт со граѓаните и ќе ја сензибилизираат јавноста за овој проблем. Најавуваат дека по Скопје, деновиве акцијата ќе биде спроведена и во уште неколку градови низ Македонија.