Стапките на царски рез се во пораст ширум светот; главна причина за тоа е сѐ поголемиот број на сложени пораѓања. Д-р. Рене Такар објаснува дека сведочиме на пораст на стапката на дебелина и сѐ повеќе луѓе кои одлучуваат да имаат деца подоцна во животот, две работи кои можат да го зголемат ризикот од компликации.
Иако бројот на царски резови се зголемува, сепак постојат многу заблуди за оваа процедура.
Царскиот рез е „полесна опција“
Царскиот рез не е полесна опција, иако е честопати е неопходна, а мајките кои раѓаат на овој начин не се помалку мајки од оние кои се пораѓаат на природен начин.
Станува збор за сериозна операција.
„Можеби кога станува збор за царскиот рез како избор од самиот старт, ова изгледа попредвидливо затоа што го знаете точното време на породување, а тоа обезбедува сигурност и породувањето може да биде побрзо.
Сепак, закрепнувањето може да потрае подолго отколку што е тоа случај со вагиналното породување, а постои и дополнителен ризик од компликации поради операцијата“, вели гинекологот Мез Ареф-Адиб.
Не чувствувате ништо за време на царскиот рез
„Повеќето жени добиваат спинална или епидурална анестезија за време на царски рез, што го вкочанува долниот дел од телото“, објаснува д-р Шазија Малик.
Иако нема болка, можно е да се почувствува притисок или влечење, што е нормално. Анестезиологот ќе се погрижи да не чувствувате болка за време на процедурата, пишува The Independent.
Не можете да имате повеќе од еден царски рез
Многу жени секако минуваат низ повеќе царски резови, но секоја дополнителна операција може да ги зголеми ризиците како што се компликации за време на бременоста или породувањето, како што се оштетување на мочниот меур или матката, објаснува др. Малик.
Општо земено, не се препорачуваат повеќе од три царски резови, но бројот може да биде помал, во зависност од ризиците и историјата на операциите.
Не можете да имате вагинално породување по царски рез
Мајката може да има вагинално породување по претходен царски рез, објаснува д-р Ареф-Адиб. Но, важно е да разговарате со вашиот лекар или акушерка за да бидете сигурни дека тоа е прикладно за вас, бидејќи зависи од фактори како што се типот на лузна од претходниот царски рез и вашата тековна бременост.
Нема ризик
Како и секоја операција, царскиот рез носи одредени ризици. Тие вклучуваат инфекции, загуба на крв, згрутчување на крвта (тромбоза) и компликации во идните бремености, вели др. Малик.
Важно е жените да разговараат за овие ризици со својот лекар за да донесат одлука пред секое породување.