Здружението за социјални иновации АРНО официјално го отвори петтиот RISE повик за поддршка на млади социјални претприемачи и закажа средба за петок 13-ти.
На оваа средба успешни локални социјални претприемачи ќе дискутираат за тоа колку е важно да се има знаење, но и среќа во градењето на бренд.
Од АРНО апелираат до сите млади кои имаат идеја за бизнис кој прави добро за животната средина и за луѓето, да аплицираат на RISE повикот со своите тимови најдоцна до 20-ти септември преку пополнување на пријава.
Преку програмата младите можат да добијат парична поддршка од 2500 евра, обуки, менторство и поврзување со млади од регионот.
Сите кои се заинтересирани за социјално претприемништво и програмата RISE можат да дојдат на настанот во петок да постават прашања на инфо-сесијата, да се стекнат со бесплатни прирачници за социјално претприемништво и да добијат колаче со порака.
На петок 13-ти во 17 часот во КОТУР, АРНО ќе промовира алатки за социјални претприемачи и ќе го одбележи, наводно, најбаксузниот ден во годината преку разговор и дружба со локални социјални претприемачи.
Меѓу нив, Александра Бела од УРМА, Кристиан Шопов (еко-магионичар и среќотворец) и Магдалена од Лице в лице.
„Овие настани се важни затоа што градиме заедници, не сме тука од денес за утре, туку за многу нови генерации.
Ги каниме сите кои сакаат да дојдат да пополнат формулар за да знаеме и колку колачиња со порака да направат од Амброзија (социјален бизнис од Неготино од претходната програма на RISE)“, порача Стефани Пренкова од АРНО.
Програмата RISE на регионално ниво поддржа вкупно повеќе од 500 млади и 175 идеи од Западен Балкан и се гордее со успешните социјални бизниси кои го привлекоа вниманието на граѓаните и медиумите како светли примери дека бизнисите можат да прават добро за природата, за заедниците, да се инклузивни, грижливи и оперативни истовремено.
Преку RISE млади луѓе од регионот основаа социјални бизниси кои преку изработка на облека и модни додатоци интегрираат жени-бегалки во Србија (Women on the way), овозможија планинарски тури за промоција на локален алтернативен туризам и поддршка на локалното население во Валона, Албанија (Reality Escapers), основаа кетеринг служба во Неготино со работна интеграција на жени со помалку можности (Амброзија) и многу други успешни приказни.
Проектот RISE е ко-финансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија.
RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group) и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО (Македонија), Балканска Зелена Фондација (Косово)*, Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија).