По 10 години малтретирање, се ослободила од „синџирите“ на домашното насилство

„Прво си помислив дека е некоја моментална нервозна, агресивна ситуација која нема да се
повтори, но сè почесто и почесто се повторуваше и на крајот премина во навика. Си мислиш дека
еден ден ќе престане, но се лажеш, тоа нема никогаш да престане, само се зголемува и се
влошува. И секогаш трпиш сè поголемо и поголемо насилство.“
Младата жена на возраст од триесетина години вознемирено ги „крцкаше“ прстите на рацете
додека раскажуваше за агонијата низ која минувала во изминатите десет години. Неколку недели
размислуваше дали да ја сподели со нас својата приказна за насилството кое го трпела од
сопругот. Еден ден нѝ се јави и рече дека е подготвена да го стори тоа, бидејќи сака да испрати
порака до жените кои се заробени во „кафезот на семејното насилство“.
„Насилството се случуваше постојано и само се зголемуваше. Мислам дека главна причина што го
трпев беше тоа што тој конзумираше прекурзори или психотропни супстанци коишто го тераа на
секаков вид насилно однесување. При секој негов порок, при секоја потреба за пари, тој
манифестираше насилство.“
Се соочила со виктимизација и надвор од домот. Била исмејувана, озборувана, а на потсмев
наишле и дел од обидите да го пријави насилството.
„Не сум задоволна од институциите. Не се доволно обучени, немаат доволно способност да ѝ
помогнат на жртвата која тропа на вратата и бара излез, спас, на која ѝ треба помош, и тоа
сериозна помош. Дури има и лица кои се исмејуваат директно во лице на жртвата: „Ајде утре ќе се
вратиш“, „Ајде, ајде, оди ќе се смирите“. Те убедува да се вратиш, наместо да ти подаде рака, кога
веќе со цел срам си се охрабрила да одиш и да пријавиш.“
Оваа жена е една од илјадниците во земјава кои трпат родово – базирано насилство.
Официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи велат дека во 2022 година се
регистрирани 1.117 кривични дела поврзани со семејно насилство што е 6% повеќе во споредба со
2021 година. Најчести кривични дела се „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“.
Алармантен е и податокот дека минатата година насилството во домот завршило со седум убиства
и два обиди за убиство. Најчесто сторител е сопругот (474 случаи), потоа следуваат синовите (171
случај) и вонбрачните партнери (119 случаи).

Точната бројка жртви на семејно насилство никој не ја знае
„Во руралните средини претежно жената не пријавува. Тука сè уште важат тие патријархални,
традиционални норми коишто ја спречуваат, а и срамот од средината има влијание. Најчесто ако
има насилство, тоа се сокрива. На пример, дека жената паднала по скали, се случило нешто друго,
само не насилство“, вели Иванка Ризовска Соколова од здружението „Женска акција“.

Ризовска Соколова е раководителка на првиот Центар за поддршка на жени жртви на семејно и
родово базирано насилство кој ја покрива територијата на општините Радовиш и Конче. Центарот
е отворен во декември минатата година, во рамки на проектот „Пост-КОВИД: Општините како
двигатели на одржливиот развој“, кој Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП го
спроведува со поддршка на Бирото за регионален развој.
„Жртвите на насилство често пати лутаат, не знаат каде да се јават, кому да се обратат. Со
отворање на центарот создадовме едно сигурно место каде знаат дека ќе добијат соодветна
поддршка и помош“, објаснува таа.
Дополнителен проблем во помалите средини е недостигот на свест. Според Ризовска Соколова,
борбата против семејното насилство не може да се води само во центрите туку мора да се работи
на едукација и на жртвите, но и на сите членови на општеството.
„Честопати, особено во помалите средини се мисли дека тоа не е наш проблем, дека не треба да
се мешаме во проблемот на едно семејство. Насилството е проблем на целото општество, не само
на жртвата, бидејќи многу често тука се и децата кои трпат секундарно насилство, кои се
индиректни жртви, и тоа се одразува на нивната психо-социјална состојба.“


Борбата против семејното насилство не може да се води само во центрите
Без разлика дали се работи за мали и рурални средини или за големи градови, потребите за
поддршка на жртвите на семејно насилство се исти. Во Куманово, општината со најголем број
жители во Северна Македонија, од септември 2022 година функционира советувалиштето за
жртви на родово – базирано и семејно насилство „Комфор зона за жени“. Тоа е отворено во рамки
на проектот „Регионална програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD 2“, кој
УНДП го спроведува со поддршка на Европската Унија. Во советувалиштето, со кое раководи
Хуманитарното здружение „Мајка“, досега поддршка побарале 33 жени.
„Најчесто се пружа помош при остварување на нивните социјални и законски права, како и
психолошка поддршка и давање совети за кариерно зајакнување и полесно позиционирање на
пазарот на труд. Советувалиштето е во процес на лиценцирање, поднесено е барање во
Министерството за труд и социјална политика, и сега очекуваме одобрување“, вели Лидија
Илијевска, претседателка на „Мајка“.
УНДП помага државата да го оствари минималниот стандард на Истанбулската конвенција, кој
предвидува едно советувалиште на секои 50.000 жители. Во моментов, Министерството за труд и
социјална политика има воспоставено десет специјализирани советувалишта за жени жртви на
насилство и семејно насилство и осум специјализирани советувалишта за психо-социјален
третман за сторители на семејно насилство.
„Општините имаат обврска да преземаат мерки за превенција и заштита од родово-базирано и
семејно насилство, како според домашното законодавство, така и според Истанбулската конвенција. УНДП ги поддржува општините во воспоставување специјализирани услуги за жртвите
на овој тип на насилство кои придонесуваат и кон промена на воспоставените обрасци на
однесување, со цел да се прекине кругот на насилство“, вели Кристина Плечиќ, специјалистка за
родова еднаквост во УНДП.
Отворањето советувалишта е особено важно за да се обезбеди психолошка поддршка на жените
кои се соочиле со траумата на насилство во домот. Ваква помош нудат и советувалиштата во
Радовиш и во Куманово.
„Жртвите на семејно насилство најчесто чувствуваат страв, ниска самодоверба, немоќ и
безизлезност. За нив светот не е безбеден, нема кому да се обратат оти немаат ресурси и притоа
се без поддршка и разбирање од околината. Психолошката помош пред сè им овозможува да се
видат себеси способни, со поддршка и помош од страна да го прекинат кругот на насилството“,
објаснува Габриела Бошков, психолог во советувалиштето „Комфор зона за жени“.
Младата жена од почетокот на текстот, по 10 години насилство и вознемирување, одлучлила да
стави крај на оваа кошмарна епизода од нејзиниот живот. Пред неколку месеци го напуштила
сопругот и заминала од домот кој за неа е сеќавање на многу трауматични мигови.
„Знам дека дома мирно ќе спијам, мирно ќе се разбудам и денот ќе ми биде мирен. И нема никој
да дојде да ме вознемирува, да ме малтретира, да ме омаловажува, да ме контролира, да ме
демнее. Се чувствувам слободна. Конечно слободна и среќна.“

(Текстот е изработен во рамки на проектот на УНДП, за отворање советувалишта и центри за жени жртви на родово – базирано насилство)