По Австралија, и Велика Британија и Франција, размислуваат за забрана на социјалните мрежи за млади

Земји како Франција и Велика Британија размислуваат за забрана на социјалните мрежи за деца и дел од тинејџерите, како што направи Австралија минатиот месец. Поддржувачите на таквата забрана предупредуваат дека е потребна итна акција поради влошувањето на менталното здравје кај младите луѓе, но други тврдат дека доказите за лошото влијание на социјалните мрежи се недоволни и дека е потребен поинаков пристап.

Австралија минатиот месец стана првата земја што им забрани на лицата под 16 години да користат многу популарни и профитабилни платформи на социјалните мрежи како што се Инстаграм, Фејсбук, ТикТок и Јутјуб. Франција моментално разгледува слични мерки за лицата под 15 години, вклучително и една за која се залага самиот претседател Емануел Макрон.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека треба да се направи повеќе за заштита на децата на социјалните мрежи по скандалот со четботот со вештачка интелигенција „Грок“ кој произведува сексуализирани слики без согласност.

– Треба да направиме повеќе за да ги заштитиме децата и затоа разгледуваме низа опции и велиме дека ниту една од опциите не е исклучена – им рече Стармер на новинарите.

Велика Британија донесе нов закон со кој ќе биде нелегално производството и споделувањето сексуализирани слики без согласност. Гардијан минатата недела објави дека Џонатан Хајдт, американски психолог и поддржувач на австралиската забрана, бил поканет да им се обрати на британските претставници. Во својата книга од 2024 година, „Генерациска анксиозност“, Хајдт пишува дека времето поминато пред екраните, особено на социјалните мрежи, влијае на мозокот на младите луѓе и предизвикува „епидемија на ментални болести“.

Американскиот автор покажува како сите индикатори за менталното здравје се влошуваат истовремено со појавата на паметните телефони. Иако е влијателна меѓу политичарите, книгата се покажа како контроверзна во академските кругови. Канадскиот психолог Кендис Оџерс напиша во рецензија за книгата дека „хорор приказната“ што ја раскажува Хајдт „не е базирана на наука“. Една спорна точк се доказите за тоа колку точно социјалните мрежи влијаат на менталното здравје на младите луѓе.

Мајкл Ноетл, истражувач на Универзитетот во Квинсленд во Австралија, за агенцијата Франс-прес изјави дека „ситни ефекти се акумулираат кај милијарди корисници“. Тој нагласи дека постојат „куп докази“ дека социјалните мрежи им штетат на младите луѓе и дека некои бараат нереално ниво на докази.

– Би рекол дека Хајдт е повеќе во право отколку што признаваат неговите критичари и помалку во право отколку што имплицира неговата книга – вели Ноетл.

Со оглед на потенцијалните придобивки од забраната, тој верува дека „вреди да се обложиме“.

Минатата недела, францускиот здравствен надзорник ANSES заклучи, по прегледот на доказите, дека социјалните мрежи имаат низа негативни ефекти врз адолесцентите, особено девојчињата, иако тоа не е единствената причина за лошо ментално здравје кај младите луѓе.

Сè треба во умерени количини?

Минатата година, Ноетл водеше студија објавена во списанието Psychological Bulletin, во која беа испитани повеќе од сто светски студии за влијанието на екраните врз психолошките и емоционалните проблеми кај децата и адолесцентите. Заклучоците од студијата покажаа дека постои маѓепсан круг. Прекумерното време поминато пред екран, особено на социјалните мрежи или со видео игри, е поврзано со проблеми со менталното здравје што потоа ги наведува младите луѓе да поминуваат уште повеќе време пред екраните.

Други научници се скептични кон целосната забрана. Бен Синг од Универзитетот во Аделаида следел повеќе од 100.000 млади Австралијанци три години во студија објавена во списанието JAMA Pediatrics. Тоа истражување покажало дека младите луѓе со најмногу ментални проблеми се оние кои ги користат социјалните мрежи повеќе од два часа на ден – или воопшто не ги користат. Младите луѓе кои умерено ги користат социјалните мрежи се најдобри.

– Истражувањата сугерираат дека и целосната забрана и прекумерната употреба се проблематични – изјавил тој за агенцијата Франс Прес. Прекумерната употреба на мобилни телефони е особено лоша за девојчињата, но целосното прекинување на социјалните мрежи е најштетно за момчињата во подоцнежните тинејџерски години.

По целосната забрана на социјалните мрежи во Австралија за лица под 16 години, останува допрва да се утврди дали ова важи и ако пристапот им е оневозможен на сите во исто време.

„Неверојатно токсични“

Францускиот психијатар Серж Тисерон е меѓу оние кои долго време предупредуваат за огромната закана што екраните ја претставуваат за менталното здравје.

– Социјалните мрежи се неверојатно токсични – изјави тој за Франс Прес. Сепак, тој стравува дека технолошки искусните тинејџери лесно би можеле да избегнат забрана што истовремено би ги ослободила од одговорност и родителите.

– Расправата стана многу поларизирана во последните години помеѓу целосна забрана и ништо – вели Французинот, повикувајќи на помека мерка. Една опција е да се почекаат последиците од австралискиот експеримент.

– Во рок од една година, треба да знаеме многу повеќе за тоа колку била ефикасна австралиската забрана и дали имала некакви несакани последици – вели истражувачката од Универзитетот Кембриџ, Ејми Орбен. Австралиската агенција за безбедност на интернет минатата недела објави дека технолошките гиганти веќе блокирале 4,7 милиони сметки на корисници под 16 години.