„Како мислат дека ќе се скрие нешто што се правело две години“, прашува наставничката по музика Грета Парлиќ, која деновиве ја обвини управата на Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско поле дека интернатските корисници цели две години живеат во мизерија, во една просторија, додека останатите простории се забранети за нив. Директорот Фатмир Ејупи ги демантираше сите нејзини наводи.
Инаку, Парлиќ е професорка по музика која веќе 20 години работи во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско поле и во писмо кое го објави на својот Фејсбук профил обвини: „Повеќе од две години, интернатските корисници седат и лежат (бидејќи има доста корисници кои се во таква состојба и имаат потреба да легнат), на подот во трпезарија, каде нема апсолутно никакви основни услови за живот и престој, само масички и детски столчиња и голи ѕидови. На сите интернатски корисници им е забранет влез во сите простории во интернатот. Сите занимални, до една,сите простории на интернатот се узурпирани од група на неколку привилегирани вработени“.
Таа вели дека на интернатските корисници им е забранет пристап дури и во тоалетите, а заедно со нив е и одредена група на вработени кои се исто така во крајна немилост (меѓу кои и самата таа), бидејќи се присилени да работат во една просторија (трпезаријата) со сите интернатски корисници кои се во поголем број.
„Условите и за овие вработени се мизерни, ниту еден шкаф, ниту пристап до тоалет, ниту чешма, хигиенски средства, ништо, а средства за работа се мислена именка“, вели таа.
Заради сето ова Парлиќ вели дека лично доставувала писмени молби за стопирање на оваа, како што вели, „катастрофална состојба и малтретирање на корисниците“, но без успех.
Во нашиот разговор со директорот на установата Фатмир Ејупи тој ги демантираше сите тврдења на професорката по музичко со која вели дека сепак, ќе најдат заедничко решение.
На прашањето зошто вработената која е ангажирана во институцијата цели две децении би излегла во јавност со толку јасни обвинувања ако се тие лажни, ја лоцира причинита во тоа што на Парлиќ ѝ биле побарани клучевите од просториите кои ѝ биле доделени на користење, за да се смести еден екстерен корисник кој во неколку наврати бил агресивен кон останатите.
„Нашата институција е отворена и нашите штитеници се слободни да се движат секаде. Во трпезаријата доаѓаат на јадење и седат таму колку што сакаат, а потоа се слободни да се движат во сите останати простории и горе, во станбените единици и долу, во дневниот престој и во дворот, па дури и да одат до продавница“, вели Ејупи.
Тој вели дека периодот на трансформација на оваа институција која претходно била под заеднички ингеренции на министерствата за образование и за труд и социјала, а сега е ставена само под надлежност на министерството за социјала и е во улога на давател на услуги, бил тежок за сите вработени. Тој ветува дека со грант на ЕУ се во фаза на подготовка да го претворат Заводот во најдобар европски центар,
Иако директорот го лоцира проблемот кај вработената, а причината за нејзиното писмо во тоа што ѝ бил побаран клучот од една од просториите, наставничката која ја побаравме по разговорот со Ејупи, останува на своите тврдења и вели: „Ако некој се сомнева во ова што го кажувам, нека ги вратат камерите“.
Според неа, оваа просторија ѝ била дадена во септември.
„Пред извесно време, една вработена која имаше клучеви од интернатските простории, се сожали и се смилува да дозволи пристап во само ЕДНА од занималните, за да овозможи понормални услови за дел од интернатските корисници. Во таа просторија ме одреди мене да работам.
Меѓутоа, две – три крајно привилегирани вработени, кои ги узурпираа сите интернатски простории, жестоко ѝ се нафрлија, не можеа да се помират, да не биде нивна и таа последна од сите интернатски простории.
А се работи за само една просторија, од околу 30 узурпирани простории со што ги ускратуваат основните човекови права на сите интернатски корисници, нивниот живот, престој, достоинство.
Почнаа најсилни притисоци да ги избркаат заедно со мене, корисниците од просторијата.
Не бираа начин. Со прскање отровни сретства во очи. со заглавување брава.
Со кршење на сите музички инструменти, …“, вели таа во писмото и додава дека заради овие притисоци и целата состојба во заводот која ја опишува како мизерна, тешко се разболела.
Парлиќ сепак се надева дека работите ќе се средат по мирен пат и дека нема да има потреба да ги докажува своите тврдења пред надлежните органи.
„Во таков случај кој и самата не го посакувам, ќе треба да се вратат камерите што ги има во просториите и надлежните органи да се уверат дека се што напишав во моето писмо е вистина. Но во тој случај, некој ќе треба да сноси тешка одговорност за овие случувања“, вели таа.
Останува да се надеваме дека овој случај ќе биде разрешен во полза на корисниците за кои Пралиќ тврди дека и го почнала сето ова.
Директорот од своја страна е подготвен со финансиите од потенцијален донатор, да направи нов кабинет по музичко со сите нови реквизити од каде Грета би имала клуч и ги демантира сите нејзини тврдења, освен она дека пишувала писмени молби. За нив не се изјасни, но рече дека е во секојдневна комуникација со раководителите во институцијата.
„Јас ќе одам до крај,само да се овозможи достоинствен живот за корисниците како и да се престане со газење врз основните права на дел од вработените кои сето ова што јас го напишав можат да го потврдат“, вели Грета Парлиќ.