Пред три години за порталот „Мајка и дете“ правевме репортажа од Зоолошката градина во Скопје и се запознавме со трите убавци со долг врат, Каспер, Тебого и Флопи и со нивните чувари и другари Ристе Трајковски и неговата сестра Маја.
Токму поради тоа, дополнително не потресе веста дека Ристе починал, а веднаш по него и Флопи, последната од трите жирафи за кои со голема љубов и посветеност се грижеа братот и сестрата.
Тогаш, кога се најдовме со нашите соговорници Ристе и Mаја Трајковски, пред дрвената врата затворена со синџир зад која беше живеалиштето на трите жирафи во скопската Зоолошка градина, не ни помислував дека за кратко не само што ќе можеме да ги видиме одблиску, туку и дека ќе можеме да ги допреме, да ги погалиме, па дури и да им дадеме да ни јадат од рака. Искрено, ова беше мојата прва средба одблизу со овие егзотични, безгласни, љубопитни и преубави животни.
Каспер, Тебого и Флопи беа имињата на трите жирафи кои во скопската зоолошка градина пристигнаа пред 13 години, само 2-3 месеци откако таму почнала да работи Маја, по смртта на нивниот татко кој во Зоолошката градина поминал цели 39 години.
Таа и брат ѝ уште од мали, редовно доаѓале во Зоолошката градина, буквално, секој викенд.
Во периодот кога се запознавме (2020 година), Ристе ни кажа дека работи во Зоолошката градина речиси 17 години, а дел од работниот век бил колега и со својот покоен татко.
„Во Зоолошката градина секојдневно има разни случки, но некои од нив се навистина незаборавни. На пример, би издвоил еден од времето додека работев заедно со татко ми кај ѕверовите. Се породуваше тигарката, а наша заслуга е тоа што успеавме да го затвориме мажјакот за да не ги изеде тигрињата. Одевме горе по ограда за да го оддалечиме оттаму и успеавме да го затвориме. Така од три опстанаа две тигарчиња. Третото тигарче од почеток не зацица и веднаш почина. За жал, не можевме да ги галиме зашто ако тигрицата потоа почувствува кај нив мирис, ќе ги отфрли. Тие две тигриња пораснаа во прекрасни сибирски тигри – Ана и Путин и до ден денес се тука“, ни раскажуваше тогаш Ристе.
Ристе бил сведок и на доаѓањето на свет на леопардчињата. За него, сите животни си имаа своја убавина, но особено се приврзал за трите жирафи кои кога пристигнале во зоолошката имале само три години.
Сега пријателите на Ристе се поздравуваат со него преку социјалните мрежи, а некој од нив напишал: Последната жирафа во Скопје и зоо-негувателот денеска ја испишаа најтажната приказна. Почина зоо-негувателот Ристе, а во текот на денот угина и Флопи за која Ристе се грижеше 12 години.
Интервјуто со Ристе и со Маја можете да го прочитате ТУКА.