Подобро да јаде само тестенини, отколку да му правите притисок да изеде нешто што не сака

Сите сме го доживеале тоа – вие ќе зготвите здрав, избалансиран оброк за вашето дете, а тоа само ќе го погледне, ќе ја оттурне чинијата и ќе ви побара обични тестенини.

Во обид да му ги обезбедите потребните хранливи материи, почнувате да преговарате: „Изеди само уште еден залак и можеш да гледаш цртани“ или „Пробај само малку, а потоа ќе добиеш нешто слатко“.

Но, излегува дека оваа стратегија не е најдобра. Нутриционистката Керолин од Корк, позната на Инстаграм како solidstart.ie, им порачува на родителите да не се грижат премногу за тоа што јаде или не јаде нивното дете.

„Знам како е, бев во иста ситуација со моите деца. Но сега знам дека форсирањето едноставно не помага”, напишала таа во објавата.

Зошто притисокот не помага?
Керолајн објаснува дека кога децата се чувствуваат под притисок, тие инстинктивно се повлекуваат и одбиваат да соработуваат. „Оброците стануваат стресни и одеднаш се наоѓате во битка за само еден залак брокула“.

Таа се присетува и на сопственото искуство: „Кога мојот прв син беше мал, се грижев за секој оброк. Ако јадеше само тестенини без ништо друго, ме фаќаше паника.

После 15 години – мојата ќерка сега го прави истото, но јас сум многу поопуштена. Зошто? Затоа што знам дека притисокот не носи резултати.”

Три совети за родителите
За да им помогне на родителите да престанат да вршат притисок врз своите деца за време на оброците, Керолајн предлага три едноставни стратегии:

Променете го начинот на кој зборувате за храната
Наместо да кажете „Само уште еден залак“, обидете се со реченицата: „Има уште ако сакаш“. На овој начин го намалувате притисокот и му давате на вашето дете слобода на избор.

Послужете ја храната и повлечете се
Дајте му на вашето дете неговиот оброк и само нека одлучи што и колку да јаде. „Нема незадоволство, нема преговарање, нема „само пробај го тоа“.

Гледајте ја пошироката слика
Кога вечерата ќе заврши на подот наместо во устата на вашето дете, запомнете го ова: Еден оброк не ја дефинира исхраната на вашето дете.

„Внесот на хранливи материи кај децата се балансира со текот на времето, затоа верувајте му на нивниот апетит.

И на крај, една мисла што би можела да им го олесни денот на сите уморни родители на пребирливи деца: колку сте порелаксирани, толку е поголема шансата вашето дете со време сепак да започне да истражува нови вкусови.